Повеќето демократи не веруваат во обвиненијата за сексуален напад против Бајден

Само 34 отсто од гласачите на Демократската партија веруваат дека Џо Бајден сексуално ја нападнал својата поранешна службеничка Тара Рид во 1993 година по нејзините неодамнешни обвинувања, а преостанатие 66 отсто тврдат дека инцидентот никогаш не се случил, покажува анкета спроведенa меѓу 1.854 регистрирани гласачи.

Во меѓувреме, мнозинството републикански (78 отсто) и независни гласачи (56 отсто) изјавија дека веруваат во обвиненијата против поранешниот потпретседател иако тој го негира инцидентот.

Севкупно, анкетата што беше спроведена на интернет на 13 и 14 мај и објавена од Харвардскиот центар за американски политички студии (CAPS) покажува дека повеќе од половина од анкетираните гласачи, 55 отсто, ѝ веруваат на Рид.

Во исто време, 38 отсто од анкетираните посочиле дека медиумите биле пристрасни во корист на демократските кандидати кога станува збор за известување за сексуално вознемирување во споредба со 43 отсто, кои рекле дека медиумите се пристрасни во корист на републиканците во однос на истата материја.

Во април Тара Рид поднесе кривична пријава против Бајден, во која се тврди дека тој сексуално ја нападнал пред речиси 30 години. Братот, пријателот и поранешниот сопруг на Рид наводно знаеле за сексуалното вознемирување со кое се соочила поранешната помошничка на Бајден додека работела за тогашниот сенатор од Делавер. Сепак, Бајден ги отфрли тврдењата на Рид и тврди дека инцидентот никогаш не се случил.

И покрај наводите, некои истакнати борци за женските права, меѓу кои и поранешната кандидатка за претседател, Хилари Клинтон, и Елизабет Ворен, отворено го поддржаа Џо Бајден за претседателски кандидат и јавно му изразија поддршка.

Сепак, некои аналитичари тврдат дека Бајден може да го плати скандалот со претседателската номинација, која треба да биде потврдена на Демократската национална конвенција во средината на август. Аналитичарите предупредуваат дека сексуалниот скандал може да има влошено влијание врз неговото учество во претседателската трка бидејќи неодамнешната анкета на „Морнинг консалтинг“ покажа дека повеќе од четвртина од анкетираните демократски гласачи рекле дека партијата треба да избере друг кандидат за изборите во ноември.

Треба да знаете
Последни објави