Порашениот градоначалник на Куманово, Зоран Дамјановски е осомничен за злоупотреба на службената положба во случај со узурпација на државно земјиште, а за кој првоосомничена е В.Б. (67) овластен градежен инспектор во Секторот за инспекциски надзор при општина Куманово, како и нејзината претпоставена, В.Л. (64) раководител на Секторот.
Двете се товарат за несовесно работење во службата, за злоупотреба на службена положба и овластување како и за фалсификување службена исправа.
Според полицијата, првопријавената постапувајќи по Пријава за узурпација на државен имот, при вршењето на инспекцискиот надзор, иако забележала и знаела дека 10 лица-сопственици на имоти во Куманово кои во период од 2015 до 2017 година имаат узурпирано државно земјиште во вкупна површина од 1.156 м², не извршила инспекциски надзор кај сите 10 и притоа не ја констатирала реалната состојба. Нејзината раководителка пропуштила должен надзор и несовесно постапила во вршењето на своите службени овластувања и должности. Иако била запознаена и свесна за погоре наведената состојба, не презела никакви мерки за административно извршување на донесените правосилни и извршни акти.
Поранешниот градоначалник, пак, ја злоупотребил својата службена положба и овластување, при што не постапил по Решение донесено од Управен инспектор од Куманово при Државниот управен инспекторат со кое што бил лично задолжен да преземе мерки и дејствија, со што им овозможил на лицата и понатаму противправно да го користат државното земјиште, со што нанел штета на имотот на Р.С. Македонија.