Словенечката влада донесе одлука според која, заради сличноста на епидемиолошката состојба поврзана со ковид-19, веќе нема потреба од претходни ограничувања при влез во земјата од Хрватска.
„Владата беше запознаена со епидемиолошката состојба во Република Хрватска подготвена од Националниот институт за јавно здравје, што покажува дека ризикот од ширење на инфекција ковид-19 во двете држави е сличен, и дека во моментов нема потреба од посебни ограничувања на движењето меѓу двете држави, ниту потреба за карантин или самоизолација при преминување на границата“, се вели во соопштението за медиуми на словенечката влада.
Откако на крајот на минатата недела Словенија прогласи крај на епидемијата на „ковид-19“ и објави дека ќе ги отвори границите за граѓаните на државите членки на ЕУ и заедничката европска економска зона, но со претходна проценка на епидемиолошката состојба во секоја од државите, Словенија работи на постигнување на слични договори со другите соседни земји.
Словенечкиот министер за економија, Здравко Почивалшек, рече дека целта е да се договорат со соседните земји со слична епидемиолошка слика да ги отворат границите до почетокот на јуни, а за тоа прашање тој разговараше и со унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.
Според словенечкиот министер, целта е да се утврдат протоколите за режимот на граничниот премин и да се обезбедат сите услови за да не постои закана по здравјето, односно можноста за ширење на коронавирус.
Словенија исто така започна разговори за таков протокол и со Австрија.