Непознати сторители уништиле археолошки локалитет на подрачјето на Купрешко Поле во Босна и Херцеговина, каде што се наоѓаат докази за луѓе што живееле таму пред 4.000 години, потврдија од Фрањевскиот музеј и галерија „Горица“ кај Ливно.
На локалитетот Мали Хан, во близина на населбата Лиштани, со ископ на песок бил уништен тумул, гробница создадена во праисторискиот период, во чие опкружување и подоцна, за време на раниот среден век, мртвите биле погребувани.
Фотографиите проследени од Музејот покажуваат раскопана гробница, од која се ѕиркаат човечки коски и камена плоча.
„За жал, во тој дел од локацијата се случи нелегално ископување песок, при што е уништен локалитетот“, се вели во соопштението на Музејот.
Локалитетот Мали Хан, како и сите купрешки тумули, се национален споменик под државна заштита затоа што чуваат докази за животот во тоа подрачје од праисторијата.
За уништувањето на локалитетот од Ливно бил информиран Институтот за заштита на спомениците на БиХ, кој истражува што точно се случило и колкав е степенот на штетата.