Епидемијата е под апсолутна контрола. Бројот на активни случаи е стабилен. Голем број од потврдените случаи со коронавирус се веќе од познати кластери, а дел од заразените се инфицирале при групирање на приватни собири, истакна на прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче, посочувајќи дека тоа е констатацијата на Комисијата за заразни болести со која денеска ја анализирале состојбата со епидемијата во земјава и со зголемениот број новодијагностицирани случаи изминатите неколку денови.
Тој нагласи дека најголемата опаснот за пренесување на вирусот, според информациите кои ги добиваат секојдневно, се приватни собири, групирања и прослави и ги повика граѓаните да се воздржат од овој тип активности.
Заклучокот на Комисијата, посочи, е дека зголемениот број дијагностицирани случаи на дневна основа е резултат на олабавување на мерките и поголемо движење на граѓаните, а тоа е случај и во соседните земји и во повеќе други држави во Европа и во светот и не е неочекувано.
– Првата битка ја добивме, но борбата не е завршена. Успешно го амортизиравме првиот удар, ја стабилизиравме состојбата во земјата со контролираниот број нови случаи и во ниту еден случај не се оптовари капацитетот во ниту една институција, болница. Сето тоа беше резултат на мерките кои ги донесовме во насока на заштита на здравјето на граѓаните и од сега натаму само со строго почитување на сите мерки и препораки може да ја задржиме епидемијата под контрола. Рестриктивните мерки се опуштаат секаде со цел полека враќање на животот во нормала. Економијата заживува и како секаде во светот почнуваме да живееме понормално. Но, ова може да го одржиме само ако сите граѓани ги почитуваат мерките, а институциите ги спроведуваат контролите и никако поинаку, рече Филипче.
Тој потенцира дека 91 процент од здравствените работници се оздравени и со тоа практично целокупниот човечки капацитет во здравството е на располагање и е функционален и не постои ниту едно одделенија или институција, каде е компромитирана работата заради недостиг на здравствени или нездравствени работници.
– Здравствените работници, институции не можат сами, не можеме ништо да постигнеме ако мерките кои се во сила, кои се препорачуваат, не се почитуваат, а зголемен број случаи може да е лошо за економијата, за работните места и за здравјето и тоа не смееме да го дозволиме, истакна Филипче.
Тој потсети дека Комисијата за заразни болести минатата недела донесе предлог план за намалување на рестриктивните мерки, почнаа постепено да се отвораат одредени економски оператори, бизнис субјекти со соодветни протоколи за работа, а планот, како што рече, предвидува постепено, до целосно отворање и враќање на животот и екониомијата во целосна функција.
– Но, вирусот е тука и никој од нас не е имун. Коронавирусот нема да исчезне. Ќе биде присутен се додека не се стекне имунитет. Тоа значи дека сите мора да се навикнеме да го почитуваме сите мерки за лична заштита и да живееме со вирусот. Мора да ги вршиме сите дневни обврски, грижејќи се за своето здравје, но и за здравјето на другите. Сите стопански гранки, компании, организации, граѓани, групи, секој поединец е дел од оваа борба без исклучок. Сите треба да се прилагодат на новата реалност и само така постепено ќе го враќаме животот во нормала. Доколку доследно се почитуваат сите мерки се очекува и натамошна стабилизација во ширење на вирусот, додаде Филипче.