Интервју за ТВ Сител денес имаше претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој што посочи дека ВМРО-ДПМНЕ на избори убедливо ќе го победи СДСМ кога и да се случат.
„ВМРО-ДПМНЕ ќе го победи СДСМ и тоа им го кажав вчера на лидерската средба. ВМРО-ДПМНЕ не се плаши. ВМРО-ДПМНЕ убедливо ќе го порази СДСМ“, нагласи Мицкоски.
Мицкоски апелира до сите политички партии дека не треба дополнително да се оптоваруваат граѓаните со политики и политиканство. Тогаш сите губат.
„Граѓаните викаат преку глава им е од политичарите. Не викаат преку глава од Зоран Заев. Сите не ставаат во ист кош. Тоа е што јас се трудам цело време да го покажам, а тоа е дека не сме сите исти, различни сме “, истакна Мицкоски.
Мицкоски во денешното интервју за ТВ Сител посочи дека владата предводена од СДСМ многу ветува но ништо не исполнува. Тоа се виде и во време на оваа криза многу вработени, стопанственици останаа на милост и немилост на оваа влада. А, пак СДСМ преку мерките води предизборни калкулации, грижејќи се да го ублажат нивниот пораз на претстојните избори.
„Ценам дека повторно доаѓа до израз сето она лицемерие од страна на владините функционери. Од една страна вие барате избори да се случат во јуни, или еве да речеме на почетокот како што беше 14 јуни, па 21, па 28. А, од друга страна барате продолжување на вонредната состојба, значи гледате дека нешто не е во ред, 30 дена, кои што би завршиле таму некаде 15 јуни ако не се лажам. Па претседателот Пендаровски им дава 14 дена до 30-ти мај. И тогаш вие излегувате со спектакуларен трет пакет на економски сет на мерки кои што се поделени на три столба“, појасни Мицкоски.
Мицкоски додаде дека оваа влада ветува многу нешта но ништо не може да испорача. Многу лица оваа влада два месеци остави без месечни примања. Граѓаните се оставени на милост и немилост. Има компании кои што сега во месец мај добија помош за месец април средства ги враќаат бидејќи не можат да издржат. Ги враќаат бидејќи владата ги обврзува да ги задржат вработените, а тие не се во можност да ги средат обврските кон вработените.