Има ризик американската економија да претрпи „постојана штета” колку повеќе се одолговлекува карантинот за спречување на Ковид-19 пандемијата, изјави денеска министерот за финансии Стивен Мнучин.
Тој изјави дека бизнисот и луѓето во САД страдаат поради карантинот низ целата земја, но дека повторното отварање на економијата треба да биде направено со претпазливост, јавија некои американски медиуми.
-Свесни сме за здравствените проблеми и сакаме ова да го направиме на безбеден начин, изјави Мнучин.
Тој денеска заедно со шефот на Федералните резерви на САД, Џером Пауел, имаа телеконференциска врска Комитетот за банки на Сенатот, на сослушување за тоа како официјалните лица се справуваат со распределбата на 2 билиона американски долари одобрени од Конгресот пре крајот на март, таканаречениот Карес закон.
Според владини податоци, поради карантинот, околу 30 милиони Американци досега ја загубиле работата, некои од нив привремено, и законодавците се жалат дека програмите за помош биле употребени и исцрпени најмногу од големите економски оператори додека малите бизниси останале без пари.
Демократите од Претсавничкиот дом минатата недела одобрија дополнителени 3 билиони долари помош, но прашање е дали помошта ќе помине во Сенатот, контролиран од републиканците, кои сметаат дека првин треба да се дозволи време досегашната помош да влезе во економијата.