За 37 отсто се намалува надоместокот за приклучување на системот за дистрибуција на топлинска енергија – ова е една од главните измени во Мрежните правила за дистрибуција на топлинска енергија кои ги одобри Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги.
Клучната цел е да се поттикне што поголем број на новоизградени објекти да се приклучуваат кон системот за дистрибуција на топлинска енергија.
„Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија донесе Одлука со која се одобруваат Мрежните правила за дистрибуција на топлинска енергија подготвени од Дистрибутерот со што практично се намалува надоместокот за приклучување кон системот на топлинска енергија од 3.185 ден/kW на 2.000 ден/kW. Со оглед на фактот дека претходно е намален и трошок за приклучување на електрична енергија од 30.255 денари на 22.745 денари очекувам инвеститорите на новите згради овој тренд на намалување да го пресликаат соодветно при формирањето на цената на метар квадратен. Пониската давачката за приклучок за греење на градското парно треба да биде мотив за инвеститорите да бидат поконкурентни во цените и да покажеме заеднички дека имам цел греењето да се префли кон еколошките енергенси. Овие чекори се само увертира кон крајната цел а тоа е градот да биде мапиран прецизно каде ќе се грее на електрична енергија, топлинска енергија и природен гас“, изјави Марко Бислмоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги.
Во измените е предвидено Посебните технички услови за проектирање, изведба и одржување на системот за дистрибуција, што до сега го носеше самостојно операторот и го објавуваше на својата веб страна, дополнително да биде одобрен од страна на Регулаторната комисија за енергетика.
„Во следниот период сите нови објекти кои што ќе се приклучуваат на системот за топлинска енергија е потребно да имаат вградено уреди за локално распределување на топлинската енергија. Оваа можност да се има регулација колку е потрошена топлинска енергија соодветно на потребите на станарите, објектите ќе ги направи поатрактивни од економски и еколошки аспект“, посочи Бислимоски.