Интегрален текст од прес конференција на м-р Антони Пешев, претседавач на Собранието на Стопанската комора на Македонија
„Додека целокупната македонска јавност е окупирана со прашањето за избори: избори да, избори не, избори сега, избори наесен, прашања кои излегуваат од доменот на нашата реална моќ, а следејќи ги нашите заложби за конструктивно делување во услови на криза од широки размери, денес би сакале да презентираме две иницијативи кои во изминативе денови ги покренавме со нашите партнери во регионот на Западен Балкан обединети во Коморскиот инвестициски форум (КИФ).
Целите на КИФ се упатени кон забрзана интеграција на регионот на Западен Балкан преку:
- Зајакнување на регионалната економска соработка и интеграција, забрзување на создавање заедничка економска област на Западен Балкан и подлабока интеграција на регионот во правниот и економскиот систем на Европската унија се клучни за закрепнување на регионалните економии од ефектите на пандемијата Ковид-19.
- Коморскиот инвестициски форум во изминатиот период целосно ги насочи ресурсите кон обезбедување помош и поддршка за компаниите кои работат на регионалните пазари, за надминување на проблемите и обезбедување непречено работење и функционирање на компаниите во тековните околности поврзани со корона вирусот Ковид-19.
Бројките на денот денес се базирани на согледувањата кои ги направивме во Комората.
Воведените заштитни мерки за увоз на челик во ЕУ, кои се применуваат од 01.02.2019 година, предизвикуваат сериозни негативни ефекти врз работењето на оваа индустрија во целиот регион.
Конкретно, во однос на македонската челична индустрија, во изминатиот период се бележи драстичен пад на увозот и извозот на производи поврзани со челикот во државата.
Во периодот јануари-декември 2019 година, во споредба со истиот период претходната година, се бележи пад на увозот на суровини и репроматеријали од 3% во однос на стоките во кодот 72 според ХС (железо и челик) и пад од 6% на стоките во кодот 73 според ХС (производи од железо и челик).
Истовремено, како резултат на воведените заштитни мерки, во периодот јануари-декември 2019 година, во споредба со истиот период претходната година, извозот на производи во ЕУ во кодот 72 според ХС бележи пад од 2,46%, додека извозот на производи во кодот 73 бележи пад од 31,21%.
Овој тренд продолжува и во 2020 година.
- Во 2019 година нашата држава имала 5 % помал извоз во ЕУ, а со тоа изгубила 17.742.332 €.
- Во 2020 трендот продолжува.
Поради тоа, Коморскиот инвестициски форум покрена иницијатива до претседателката на Европската комисија, високиот претставник на Европската унија за надворешна и безбедносна политика и комесарите за трговија и за проширување и добрососедска политика, имајќи ги предвид блиските врски на регионот со ЕУ, како и тековните процеси согласно склучените спогодби за стабилизација и асоцијација, земјите од Западен Балкан да бидат изземени од примената на заштитните мерки за увоз на челик во ЕУ.
Истовремено, Коморскиот инвестициски форум го покрена и прашањето за обезбедување слободно движење помеѓу државите од регионот на Западен Балкан, како мерка за спас на туристичкиот сектор.
Имено, според UNWTO, тековните сценарија укажуваат на пад од 58% на 78% кај меѓународните туристички патувања во 2020 година.
Проекциите зависат од брзината на задржување и од времетраењето на ограничувањата за патување и исклучувањето на границата.
Овие сценарија одразуваат три можни модели на месечна промена на патувањата од април до декември 2020 година, претпоставувајќи дека патните ограничувања почнуваат да се укинуваат и националните граници да се отворат:
- – на почетокот на јули (Сценарио 1: -58%);
- – на почетокот на септември (Сценарио 2: -70% );
- – или на почетокот на декември (Сценарио 3: -78%).
Овие три можни модели укажуваат дека 100 до 120 милиони директни туристички работни места се директно во ризик.
Коморскиот инвестициски форум до премиерите на шесте држави од регионот на Западен Балкан покрена иницијатива за формирање на посебен „патнички коридор“, односно своевиден „туристички балон“ за државите од регионот на Западен Балкан, што би подразбирало да се укине сегашниот период на самоизолација или карантин помеѓу земјите од Западен Балкан, што ќе овозможи слободно движење за потреби на работа или за туристички цели помеѓу државите од регионот на Западен Балкан.