Од почетокот на годината досега, реализацијата на капиталните инвестиции во Министерството за транспорт и врски изнесува 15%. Со силно темпо се работи на сите капитални проекти низ државата, како во делот на комуналната мрежа, гасификацијата, изградбата на социјални станови и железничкото поврзување на земјата, така и во делот на патната инфраструктура, изјави министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, при денешната работна посета на општина Велес.
Сугарески, заедно со директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов и градоначалникот Аце Коцевски, изврши увид во градежните работи за санација на свлечиштето на патниот правец Велес-Градско.
Проектот е со вредност од околу 1 милион евра и според интензитетот на градежните работи се очекува да биде завршен во месец август.
„Безбедноста на граѓаните и непреченото одвивање на сообраќајот е пред сè, па затоа ги интензивиравме работите на терен и со силно темпо работиме на санација на свлечишта и подобрување на состојбата на целокупната патна мрежа низ државата. Велес е град кој максимално ги користи државните средства наменети за капитални проекти и му честитам на градоначалникот за тоа. Во овој момент, во соработка со општината, Министерството работи на санација на водоводната и канализационата мрежа низ 12 улици во градот, проект вреден преку 600 илјади евра. Исто така, во текот на месец јуни ќе започне изградбата на систем за снабдување со вода за населените места Раштани и Бузалково, а во фаза на подготовка е и основен проект за изградба на 29 социјални станови во Велес. Во делот на патната инфраструктура, ЈП за државни патишта реализира неколку проекти за подобрување на патната мрежа во Велес и околината, а преку Министерството за траснпорт и врски обезбедивме 1 милион евра за санација на улици и локални патишта во општината. Посветено работиме на унапредување на овој регион и планираме нови проекти во Чашка, Богомила, Градско, Велес и другите населени места, инвестирајќи преку 70 милиони евра. На крај сакам да истакнам дека ги започнавме постапките за изградба на магистрален гасовод од Велес до Свети Николе. Проектот ќе биде финасиран со кредит од ЕБОР, па затоа многу ни е важно да имаме избори и да се формира Парламентот, за да може преку Закон да се обезбедат средства како за овој капитален проект, така и за други проекти од огромно значење за граѓаните и за економијата во целост“ – изјави министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.
Директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов истакна дека предвидениот рок за завршување на санација на свлечиштето е октомври 2020 година, но според интензитетот на работите се очекува санацијата да биде комплетно завршена до месец август.
„Првите одрони се појавија во 2018 година, при што веднаш направивме интервентна санација, но бевме свесни дека тоа не е трајно решение на проблемот со кој се соочувавме со години наназад. Ова е навистина стар проблем на општина Велес и овој патен правец. Во 2019 година беше изработен проектот на Градежен факултет, по што по објавувањето на тендерот и изборот на Изведувач започна вистинското трајно решавање на проблемот, односно оваа санација и рехабилитација која се одвива сега. Најпрво беше направен потпорниот ѕид со нова греда, со широк обем и голема должина, со цел да се сопре целиот одлив кон железницата, зашто често беше загрозен и железничкиот сообраќај. Исто така, беа санирани сите постоечки вдлабнатини, односно пропаднатиот дел од патот каде покрај асфалтот беше уништен и тампонот сега е целосно тампониран, а во моментов во тек е фазата на кавење при што рачно се соборуваат сите карпи кои се во нестабилна состојба. Веднаш по ова, ќе се започне со ставање на шипови и заштитни мрежи и бетонирање, за да се запре икако одронот, така и продорот на вода во самите карпи. На крај следува асфалтирање на патот, по што ќе биде безбеден и функционален. Она што особено сакам да истакнам е дека во јуни ќе биде објавен тендерот за рехабилитација на регионалниот пат Велес-Градско-Неготино-Демир Капија“ – изјави директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов.
Директорот Китанов додаде дека во текот на овој и следниот месец ќе започнат градежни работи за рехабилитација на патните правци Голозници-Врановци, Стари Град-Богомила, Богомила-Црнилиште и Оморани – Теово, а пред околу еден месец на излез Велес југ кон автопатот е поставено осветлување со најсовремени лед канделабри во должина од 4 километри.
Градоначалникот на општина Велес, Аце Коцевски изјави дека со санација на свлечиштето се решава проблем со кој граѓаните се соочувале со години наназад и во голема мера се придонесува за зголемување на безбедноста и подобрување на условите во сообраќајот.