Централната банка на Венецуела поднесе правно побарување во трговски суд во обид да ја принуди Банката на Англија да ѝ пренесе 1,13 милијарди американски долари од златото што го чува таму за да ги финансира владините мерки против Ковид-19, пренесува Ројтерс повикувајќи се на документ доставен во судот во Лондон.
Во барањето од 14 мај се вели дека венецуелската Централна банка бара судот да ѝ наложи на Банката на Англија да се придржува кон предложените инструкции.
Венецуела, која од март е под карантин поради коронавирусот, се надева дека дел од нејзиното злато во парична вредност ќе биде префрлено во УНДП за набавка на медицински производи, лекови и храна. Венецуела досега има регистрирано 749 заболени и 10 починати од коронавирус.
Владата на Николас Мадуро се обидува да ги продаде златните резерви на земјата како начин за собирање средства во услови на здравствена криза и карантинските мерки што ги наметна. Ситуацијата е влошена од падот на глобалните цени на нафтата и санкциите од САД.
„Влечкањето од страна на Банката на Англија е критична пречка за напорите на Венецуела и ОН за борба против ковид-19 во земјата“, рече Сарош Зајвала, адвокат од Лондон, кој ја претставува Централната банка на Венецуела.
Ниту од Банката на Англија, ниту од Централната банка на Венецуела нема официјален коментар во врска со побарувањето.
Судската постапка доаѓа по барањето од владата на Николас Мадуро во април до Банката на Англија – која го чува златото на неколку земји во развој – да продаде дел од своите резерви на злато и да ги насочи средствата кон ОН.
Правниот ќорсокак се одолговлекува веќе некое време бидејќи Банката на Англија одби да ѝ пренесе околу 31 тона венецуелско злато на владата на Николас Мадуро, кого Велика Британија од 2018 година одбива да го признае како легитимен лидер на земјата.
Венецуела е во политичка криза од 2019 година, кога лидерот на опозицијата поддржан од САД, Хуан Гваидо, се прогласи за привремен претседател и ја доби поддршката од повеќето западни земји, а САД и нејзините сојузници набргу потоа почнаа да ги запленуваат државните средства на Венецуела во странство и да воведуваат строги санкции за компаниите во земјата. Мадуро доби поддршка од Русија, Кина, Турција и неколку други нации. Венецуелските власти ги нарекоа мерките економска војна.