Кога многу европски земји ги укинуваат мерките за изолација поради пандемијата на коронавирус, Шведска, која не се затвори како остатокот од континентот, сега најавува продолжување на некои ограничувања на подолго време, како што е забрана за посета на старски домови и продолжување на работата од дома.
Оваа скандинавска земја не ги затвори училиштата, градинките, кафулињата, баровите и рестораните за време на пандемијата, барајќи од граѓаните да го преземат својот дел од одговорноста, па Швеѓаните самите се повлекоа во изолација.
„Борбата против ковид-19 е маратон. Мерките што ги презедовме беа избрани затоа што цврсто веруваме дека тие се одржливи подолго време“, рече премиерот Стефан Лофвен на прес-конференција.
Забраната за посета на домови за стари лица, во кои починале повеќе од половина од вкупниот број на починати, сигурно ќе остане во сила идните месеци, а исто така се препорачува да се продолжи со работа од дома.
Во земјата во вторникот биле заразени околу 30.800 луѓе, а 3.743 луѓе починале од „ковид-19“ до тој ден, повеќе отколку во Норвешка, Финска и Данска.
Шведска има 371 смрт на коронавирус на милион жители, додека Данска има 95, Финска 54 и Норвешка 43.
Сега, кога повеќето Европејци постепено се враќаат на работа и ги продолжуваат своите редовни активности, Шведска, плашејќи се од втор бран, се одлучи за потрајна стратегија затоа што верува дека вирусот нема да исчезне наскоро и треба да циркулира полека во општеството за да не го оптоварува здравствениот систем, иако постарите луѓе платија висока цена за тоа.
Според анкетите, шведската јавност најмногу ги поддржува мерките на главниот шведски епидемиолог Андерс Тегнел, кој тврди дека шведската стратегија е добра и дека податоците покажуваат дека луѓето сè повеќе ги следат дадените совети и препораки.