Во Австрија е изречена првата пресуда поради неносење на заштитна маска, во судење против еден граѓанин од покраината Штаерска, кој одбил да носи маска.
Тој ги нападнал полицајците, кои му укажале на таа обврска. Судот во Грац изрече казна од десет месеци затвор.
„Да се браните од полицајците кои само ви укажуваат да ставите маска, посебно во ова време, не може да се разбере“ нагласил судијата Андреас Ром, кога ја соопштил пресудата.
Осудениот 29-годишен жител на Штаерскасега мора во затвор затоа што го прекршил законот за мерките против коронавирус. Поради неговото непримерно однесување на улица, во алкохолизирана состојба, полицијата била повикана на 20 април.
Кога чуварите на редот се обиделе да го смират, виделе дека од неговиот џеб се надѕираат два ножа.
„Зошто се шетате со два ножа“ го прашала државната обвинителка Ева Пахерниг, на што обвинетиот одговорил дека му биле потребни за јадење, но и за да се брани од евентуален напад.
Додал дека се плашел бидејќи испил премногу водка. Кога полицајците побарале од него да стави маска, тој почнал да ги удира. За да го совладаат, морале да применат сила, па откако му ставиле лисици, му била ставена и маска.
Обвинетиот рекол дека му е жал поради овој настан и ветил дека нема да му се повтори такво нешто. Но, ќе мора за своето непримерно однесување да помине 10 месеци во затвор.