САД ја продолжија наредбата за протерување на нелегални имигранти

Администрацијата на Доналд Трамп ја продолжи на одредено време наредбата со која им се дозволува на американските гранични служби да протеруваат нелегални имигранти, повикувајќи се на загриженоста на јавното здравство во време кога пандемијата сè уште трае.

Роберт Редфилд, директор на Центарот за контрола и спречување на болести (ЦДЦ), го обнови претходниот налог со кој им се овозможува на граничарите да вратат нелегални имигранти во нивната земја на потекло или во земјата од која дошле.

ЦДЦ посочува дека јавните здравствени установи немаат капацитет да ги следат нелегалните имигранти и дека постои „значајна загриженост дали ефикасно ќе ги спроведуваат мерките за изолација или на друг начин ќе ги спроведат мерките за социјално растојание“.

Критичарите ја осудуваат одлуката, тврдејќи дека Трамп ја користи пандемијата на коронавирус за дополнително да ја истурка својата цел – борба против имиграцијата.

„Да не се залажуваме, целта на Трамп не е да го заштити нашето здравје, туку да направи поделба и да ја промовира својата политичка агенда“, рече Андреа Флорес, директор за имиграциска политика во Американската унија за граѓански слободи.

Во писмото до американската администрација, 40 експерти за јавно здравје го оспорија образложението на ЦДЦ.

Во меѓувреме, САД и Канада се согласија да ја продолжат барем уште еден месец одлуката за затворање на нивната долга заедничка граница за сите патувања кои не се од клучно значење.

Повеќето Канаѓани живеат во области близу границата долга 8,891 милји со САД, а заедниците од двете страни се тесно поврзани.

Границата меѓу САД и Мексико е исто така затворена за целиот сообраќај кој не е од клучно значење.

Треба да знаете
Последни објави