Се пушта во употреба новиот паркинг во клиничкиот центар

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов и Министерот за здравство, Венко Филипче, денеска направија обиколка низ клиничкиот кампус „Мајка Тереза“ и извршија увид во големиот број градежни активности што се вршеа изминатиов период.

-Веќе се видливи измените коишто инфраструктурно се направени овде, освен посебниот влез за возилата на итна медицинска помош, се изработи нов влез кај Инфективната клиника, се шират влезовите кај Клиниката за стоматологија и веќе работиме на проширување на улица Белградска, над Клиничкиот центар. Од кај Кардиологија планираме да отвориме и четврти влез со што во целост ќе го олесниме влегувањето и излегувањето од Клиничкиот центар за да не настанува хаосот што ни се случуваше на Водњанска, меѓутоа и на самиот влез во Клиничкиот центар. Значајно за мене е да истакнам дека Градот Скопје во соработка со министерот за здравство, овде сакам да се заблагодарам на благородните и посветени луѓе од овие две институции коишто еве два месеца се овде присутни, заедно изработивме проект којшто ќе овозможи три вида на сообраќај низ кампусот на Клиничкиот центар, односно болничкиот, пешачкиот и автомобилскиот. Што значи нема да ни се случува веќе поради тротоар да не може да помине болничка количка или болнички кревет, работиме се да биде целосно по современи стандарди – рече Шилегов.

Тој додаде дека се реконструирани и двата постојни паркинзи кај клиниките за хирургија и за гинекологија и акушерство, односно постојните 6.000 квадратни метри се проширени на околу 20.000 квадратни метри и ќе се овозможи квалитетно функционирање на овој кампус до изградбата на нов клинички центар.

Министерот за здравство, Венко Филипче, нагласи дека ова е еден значаен инфраструктурен проект што целосно ќе ја смени сликата и ќе го олесни функционирањето на клиничкиот центар.

 

Треба да знаете
Последни објави