Во Словенија специјално Државно обвинителство поднесе вкупно 14 обвиненија за проневера „тешка” 250 милиони евра направена при изградбата на блок во најголемата термоелектрана во земјата „Теш 6″. Како што јави дописникот на МИА од Љубљана, обвиненијата се поднесени за 12 физички и две правни лица, од кои едното е странско. Според обвинителството тие направиле вкупно 24 кривични дела, меѓу кои и злоупотреба на службената положба и овластување, перење пари и помагање при извршување на кривично дело.
Најголем дел од обвинетите се вработени во термоелектраната која се наоѓа во Шоштањ, близу Велење.
Во обвинението се наведува дека изградбата на шестиот блок на Теш 6 првично требало да изнесува 650 милиони евра, но поради лошо управување и малверзации, работата на крај чинела 1,41 милијарди евра.
– Ова е исклучително голем и комплексен случај, а обвинението е на 1.332 страници. Целото досие за случајот содржи документи и докази од 70.000 страни, изјави Петра Гиакомели, претседател на Окружниот суд во Целје.
Истрагата околу аферата со изградбата на шестиот блок на термоелектраната трае повеќе години и поради тоа беше цел на многу критики во јавноста поради бавниот процес.