ЦИВИЛ: Лажните вести и говорот на омразата мора да се осудат, обесхрабрат и санкционираат

Долгорочниот мониторинг на ЦИВИЛ ги следи и регистрира лажните вести и говорот на омразата во јавната комуникација, во медиумите и на социјалните мрежи и констатира загрижувачки пораст на лажните вести и говорот на омразата во изминатиот период.

Од мноштвото случаи нотирани од мониторингот, во текот на изминатите денови се бележи случајот на граѓанската активистка Кристина Костова која е жртва на екстремен говор на омраза. Говорот на омразата кон неа се бележи по јавно искажан личен став на социјалните мрежи за свадбите и непотребното изложување на ризик по здравјето за време на пандемијата.

По објавата на Косотова, се регистрираат голем број пораки и коментари во кои отворено се промовира омразата и се повикува на насилство кон Костова, со користење на навредливи зборови и екстремни изрази, што се засновани на предрасуди и стереотипи.

Кристина Костова не е носител на јавна функција, но само поради тоа што, како граѓанка со гарантирано право на слобода на мислењето и изразувањето, искажа личен став, беше жртва на јавен линч од неистомислениците до таа мера што отворено ѝ се упатуваат закани со силување и убиство!

ЦИВИЛ најостро го осудува говорот на омразата и изразува солидарност со сите жртви на говорот на омразата. Истовремено, ЦИВИЛ бара од институциите да постапат соодветно и според законските обврски, да не дозволат ваквиот говор на омразата да остане несанкциониран. Лажните вести и говорот на омразата мора да се осудат, обесхрабрат и санкционираат.

Врз основа на овој и низа други регистрирани случаи во мониторингот на ЦИВИЛ, се констатира дека македонското општество се соочува со тешки последици од инфодемијата, лажните вести и говорот на омразата кои произлегуваат од деструктивната кампања на одредени политички и криминални центри на моќта во земјава и во светот.

Затоа, ЦИВИЛ ги повикува институциите да се активираат час поскоро и да ги преземат сите потребни мерки да се обесхрабрат овие тешки облици на злоупотреба на социјалните мрежи и интернет медиумите, преку кои се промовира говорот на омразата. Познато е дека говорот на омразата води кон дела од омразата, но и без тоа, тој делува погубно врз јавната комуникација во едно демократско општество.

Можноста секој од нас слободно да го изрази своето мислење е една од најзначајните вредности и показател за демократскиот капацитет на општеството. Говорот на омразата на кој сме сведоци во овој период го покажува демократскиот капацитет на поединци и групи, поточно нивната неспособност да прифатат мислење кое е спротивно на нивното. Уште поевидентна е неспособноста да развијат конструктивна дебата на одредена тема.

Една демократска јавност, особено медиумите и граѓанските организации се должни да се спротивстават и да го осудат говорот на омразата.

Треба да знаете
Последни објави