ЕК оваа година со пофлексибилни економски оцени за земјите членки поради кризата

Годишната процена на економските политики на земјите членки на ЕУ оваа година е во знакот кризата со коронавирусот, a фокусот мора, пред сѐ, да биде на економското закрепнување, јави дописничката на МИА од Брисел.

Редовните извештаи на Европскиот Семестар, пролетната оценkа и препораки на Европската Комисија за економските политики на земјите членки на ЕУ, нагласуваат дека приоритет оваа година за ЕУ е справување со социоекономските предизвици од здравствената криза. На среден и долг рок, Европската Комисија бара враќање кон одржлив и инклузивен раст, со изразен фокус врз дигиталната и еколошката трансформација.

Флексибилноста на ЕК во своите проценки е одраз и на одлуката на Комисијата да дозволи скршнување од строгите буџетски правила за јавниот долг и дефицит на земјите, донесена минатиот месец, во екот на кризата.

Во овој контекст, по првпат оваа година, Европската Комисија не отвора ниедна процедура против земјите членки на ЕУ за непочитување на правилата на буџетскиот дефицит, изјави потпретседателот на ЕК, Валдис Домбровскис.

-Ова се извонредни времиња, затоа донесовме одлука да не отвораме процедури за преголем дефицит сега, откако заздравувањето ќе биде во тек, ќе заземе претпазлива фискална позиција која истовремено ќе ги стимулира инвестициите, а земјите членки ќе треба да се вратат на буџетските патеки, рече комесарот.

Посебно внимание оваа година е посветено на вработеноста и социјалните последици од кризата.

-Денеска Европа се соочува со брзо и масовно зголемување на невработеноста и ризик на фрагментација не само помеѓу земјите членки, туку и во самите општества, некои работни места се позагрозени од други, така што ризикот оваа економска криза да се претвори во социјална криза е реален, изјави Никола Шмит, еврокомесар за труд и социјални работи.

Европската Комисија ги повика земјите членки да се фокусираат максимално на борбата против невработеноста како врвен приоритет, рече Шмит.

За таа цел, Европската Комисија воведе нова алатка на финансирање на системите на невработеност на земјите членки, која треба во да стане оперативна во наредните недели.

-Посебно сме загрижени за невработеноста на младите, тие се посебно засегнати од оваа криза, се наоѓаат во прекарни ситуации, за Европската Комисија е посебно важно да се справи со ова, во некои земји секој втор млад остана без работа, исто како и за време на последната криза, ние не смееме да со дозволиме по втор пат цела генерација да биде жртвувана, изјави Никола Шмит.

Комисијата ги повика земјите да посветат внимание на сите ранливи групи, посебно мигрантите и Ромите, но и оние лица кои немаат право на социјална помош во случај на невработеност. Земјите членки се охрабруваат да воведат доволно инклузивни системи на социјална заштита.

Европската Комисија бара од земјите максимално да се посветат на зајакнувањето на здравствените системи исто така .

-Видовме како здравствените системи се оптоварија и како мораа да се прилагодат на овој огромен предизвик, инвестициите во здравствените системи се попотребни од било кога, рече комесарот за труд.

Треба да знаете
Последни објави