Игуменот на Бигорскиот манастир, отец Партениј, избран за нов епископ на МПЦ-ОА

– На денешната седница на Светиот архиерејски синод, игуменот на Бигорскиот манастир „Свети Јован Крстител”, високопреподбниот архимандрит Партениј, беше едногласно избран за нов епископ на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.

Од Синодот за МИА информираа дека отец Партениј беше предложен за нов владика од страна на неговиот надлежен архиереј, митрополитот Дебарско-кичевски Тимотеј, а едногласно потврден од сите членови на Синодот на МПЦ-ОА. Неговата хиротонија е закажана за 12 јули годинава, на празникот на светите апостоли Петар и Павле, во храмот „Света Софија” во Охрид.

Отец Партениј ќе биде викарен епископ на Дебарско-кичевската епархија, со титула „Епископ Антаниски” (според македонскиот античкиот град Антанија, кој бил епископско седиште), но истовремено ќе ја задржи и својата должност како игумен на Бигорскиот Манастир, каде што ќе биде и неговото постојано седиште.

Со своето дваесет и пет годишно монашко и игуменско искуство, отец Партениј влегува во архиерејски чин со досега најголем монашки стаж во поновата историја на нашата Црква. Во црковните кругови тој важи за искусен духовник, кој ужива голема почит не само од верниците, туку и од пошироката јавност.
Уште од своето доаѓање во Бигорскиот манастир, отец Партениј енергично се посветува на севкупната обнова на ова големо светилиште, после долгиот период на негова духовна замреност и материјална запустеност. Целосно се вложува себеси во делото за враќање на некогашното достоинството на бигорското светилиште. Како плод на таа посветеност, во 2001 година, потполно е возобновен и духовно заживеан и манастирскиот метох – женскиот манастир посветен на Св. Георгиј Победоносец во с. Рајчица.

Паралелно со обновата на Бигорскиот манастир и на неговиот метох во Рајчица, архимандритот Партениј се зафаќа и со нови градежни потфати, меѓу кои: дрвениот храм посветен на Св. Серафим Саровски, изградбата на храм во византиско-македонски стил во с. Ростуше, посветен на Пресвета Богородица, како и на новиот манастирски метох „Св. Кирил и Методиј” во с. Битуше. Во 2016 година, со благослов и во соработка со неговиот надлежен митрополит, Тимотеј Дебарско-кичевски, тој го возобновува монашкиот живот во уште еден голем македонски духовен центар – Манастирот Пречиста Кичевска, каде испраќа шест монахињи од Рајчица, негови духовни чеда, а исто така го продолжува и монашкиот живот во Кнежинскиот манастир.

Покрај градежните потфати на архимандритот Партениј, особено значење има неговата силно развиена духовна и општествена мисија, во текот на изминатите две и половина децении. Како искусен духовен раководител, тој со својата духовничка дејност им помогнал на многу души од Македонија и пошироко, да најдат утеха, спокој и решение на животните проблеми. Позната е и неговата хуманитарна дејност, која се состои од помош на лица на кои таа им е најпотребна. Особено е значајна социјалната мисија на архимандрит Партениј за помош на лица, пред сѐ од помладите генерации, кои западнале во пороците на наркоманијата, алкохолизмот, коцкањето и сл. Стотици млади луѓе, без разлика на нивната верска, национална и социјална припадност, со помош на отец Партениј, не само што успеале да се ослободат од канџите на зависностите, туку и целосно да се рехабилитираат и ресоцијализираат и така да станат полезни членови на општеството.

Игуменот Партениј, исто така, негува добар однос со црковни великодостојници од неколку помесни православни цркви, со што зема удел во борбата за признавање на автокефалноста на МПЦ-ОА, најнапред од страна на Вселенската Патријаршија, како врховна црковна инстанца во православието, а потоа и од останатите Помесни православни цркви.

Како голем љубител и познавач на македонската историја и на македонското културно наследство, Архимандритот Партениј непрестајно се залага за нивна што поголема афирмација и презентација. Работи активно и на промоција на истакнати личности од нашата национална и црковна историја, како и на запазување на древни црковни и народни обичаи.

Познат како човек на мирот и на почитта кон сите луѓе, без разлика на нивната верска, етничка и социјална припадност, Архимандрит Партениј ги издигна Бигорскиот манастир и манастирот во Рајчица во вистински центри на соживот во реканскиот крај од Македонија. Со својот филантропски однос кон сите, тој успеа да го направи Бигорскиот манастир силен фактор на безбедноста, стабилноста и соживотот во тој крај, така што ова светилиште стана духовно прибежиште и културна знаменитост не само за православните верници, туку и за Македонците со исламска вероисповед и за етничките Албанци од Македонија, кои имаат голем респект кон манастирот и кон неговиот игумен.

Поради неговите долгогодишни заслуги, отец Партениј бил досега повеќе пати наградуван со црковни и граѓански признанија и награди од страна на разни поединци, организации и институции. Меѓу другото, тој е добитник и на највисоката почесна награда на Европската Унија – „Европски Граѓанин”, поради, како што стои во официјалното образложение за наградата, „неговата хуманитарна дејност, работата со социјално ранливи категории, коишто се особено актуелен проблем на денешницата и придонесот за градење мостови и унапредување на соработката меѓу народите на културно и духовно поле, како и јакнење на соживотот и меѓусебното почитување”.

Името на отец Партениј повеќе години се наоѓаше на листата на кандидати за епископи на МПЦ-ОА, а пред петнаесетина години нему му било предложено да стане митрополит на Повардарската епархија, достоинство коешто тој го одбил, со образложение дека не сака да го напушти Бигорскиот манастир и мијачкиот крај, за чиешто заживување го вложил сиот свој живот.

Треба да знаете
Последни објави