Во март, сите предвидуваа дека туризмот за оваа година е загубен, немаше предвидувања дека на 15 јуни ќе бидеме во позиција да почнеме да ги отвораме сезонските туристички објекти и да почнеме да примаме туристи, рече портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас на денешниот редовен брифинг со новинарите, јави дописничката на МИА од Атина.
Паралелно, соопшти дека безбедноста на вработените, почитување на посетителите, зајакнување на здравствените структури на туристичките дестинации, поддршка на бизнисите и соработка со општеството, со инволвираните организации и глобалната заедница, се петте приоритети на планот за туризмот на Владата.
За безбедноста како на вработените, така и на туристите, според планот, предвидено е секој туристички објект да одреди лекар- соработник за секој туристички објект, како и координатор кој би управувал со евентуален позитивен случај на Ковид-19.
-Во случај да биде потребно оперативно справување, предвидено е создавање на специјални „карантински области” по периферија и остров. Механизмот, во секое време ќе биде подготвен да го транспортира пациентот во здравствена установа, доколку тоа се оцени како неопходно. Особено за малите островски дестинации, планот за рестартирање на грчкиот туризам предвидува дополнителни интервенции. Максимално внимание ќе се посвети на почитувањето на здравствените протоколи за работа на туристичките бизниси и транспортот на посетители, рече портпаролот на грчката Влада.
Одговарајќи на новинарско прашање, за реакциите на социјалните мрежи дека земјата беше во строг карантин со контроли и казни и со последици врз вработените и бизнисите, а сега дозволува туристите да доаѓаат без тест и дали приоритет има човечкиот живот или економијата, Пецас рече дека уште од прв момент не постоела дилема околу приоритетот.
-Уште во првото обраќање на премиерот беше изразено дека прв приоритет е човечкиот живот, а потоа се останато. Мислам дека одговорот на прашањето доаѓа од споредбата во однос на жртвите, за жал на жртвите со други земји со иста големина како Грција. Во минатото покажавме податоци за случаи и жртви во земји како што се Холандија, Белгија и сл. Но, доволно е да се види примерот на Шведска, земја која презеде полабави мерки за растојанието и карантинот. Имаат жртви, кои што се за жал многу повеќе од Грција, а станува збор за земји со иста големина, одговори портпаролот на грчката Влада.
Пецас истакна дека земјата успешно ја надмина првата фаза на пандемијата, „благодарение на напорите на сите Грци”, со покажаната индивидуална одговорност и колективна зрелост.