Сојуз на синдикатите на Македонија (ССМ) смета дека здравствена криза предизвикана од КОВИД-19 покажа дека повеќе од потребно е недела да биде неработен ден за сите работници.
-Во изминиот период видовме дека со прогласените мерки и полицискиот час кој траеше за време на викендите целокупното општество може да фукционира и доколку недела е прогласен за неработен ден, соопшти ССМ.
Воедно потсетува дека покрај другите предлози за унапредување на работното законодавство во насока на заштита на работничките права и обезбедување баланс меѓу работата и семејството, ССМ веќе предложи ден на неделен одмор да бидат и сабота и недела.
-Традиционално во нашата држава и во државите на нашето опкружување се прифаќа дека саботата и неделата се денови на неделен одмор заради почитување на семејните традиции и заштита на правата што е во согласност со Конвенцијата на МОТ бр.106 за неделен одмор. Анализите и примерите покажуваат дека работникот ќе биде попродуктивен ќе има повеќе време за семејството, за одмор и професионално надградување и дообразување, поврзано и со здравјето на работниците, а обврските можат да се завршат во текот на неделата, а истовремено да не трпи ниту бизнисот, ниту работниците и граѓаните, оценува Сојузот.
ССМ смета дека со унапредување на работничките права и со создавање правна рамка за почитување на демократските вредности ќе се изнајде правно решение со кое недела ќе биде неработен ден.
-Ваквата иницијатива на ССМ веќе се покажува и во пракса и голем број работодавачи своеволно ја прогласија недела за неработен ден. Тоа е примерот што треба да го следат и останатите работодавачи, како и Владата, наведува ССМ.