Струмичкиот поп Боро Милчев доби забрана за обавување на свештеничката функција, одлучи Струмичката епархија, по како што вели, низата недостоинствени, неодговорни и срамни постапки на свештеникот.
Според еперхијта, Милчев своеволно и без благослов вршел најразлични свештенички работи по домови и стопански објекти во струмичко и влегувал во цркви спротивно на волјата на надлежниот архиереј. Чашата ја прелил обидот да изгради црква – дивоградба на својот приватен имот каде што има и ресторан. Општина Ново Село рече дека е покрената постапка за рушење на црквата и се чека одговор од јавното обвинителство. Инаку, свештеникот имал проблеми и со легализација на ресторанот.
-По повод манипулативното, неодговорно, и срамно за достоинството на еден свештеник однесување, на свештеникот Боро Милчев, кому што и покрај се, му се остави простор да се поправи и покае, но за жал, иако го посакувавме, се досега тоа не се случи туку напротив без благослов продолжува да врши различни свештенодејствија по домовите и деловните објекти во градот Струмица и пошироко, влегува во парохии каде што не е назначен, без благослов и спротивно на волјата на надлежниот архиереј, се дрзна да отпочне градбa на ,,црковен храм’’ во близина на својот имот во с. Смолари каде што има свој приватен бизнис, без никакво одобрување или знаење на митрополитот струмички г. Наум, и за истиот веќе има решение за рушење, бидејќи се е направено на крајно нелегален и криминален начин. Го известуваме верниот народ на МПЦ-ОА кој живее во Струмичката Православна Епархија, дека на погоренаведениот свештеник му е изречена забрана за свештенодејство се додека не се покае и не се врати во послушание на Црквата и не ја прифати одлуката со која е назначен на парохијата која ги опфаќа селата Дукатино и Радичево, и каде што единствено има благослов да делува како свештеник. На крајот, наша должност е да ве известиме дека овој човек, иако носи свештеничка облека, не доаѓа во име на Црквата, и не го носи благословот Божји, туку напротив ја разградува Црквата и го соблазнува верниот народ, за срам на Црквата, а на штета на својата сопствена душа и лично спасение, велат од струмичката епархија.
Свештеникот Милчев, пак, тврди дека против него се води кампања и дека се почнало откако ги објавил дванесетте тома за македонските светители.