Франција е последната земја која вториот круг од локалните избори го закажа на 28 јуни, повеќе од три месеци по првиот круг организиран среде пандемијата од коронавирусот. Според премиерот Едуард Филип, направени се анализи дека демократскиот живот мора да си ги врати своите права.
Од земјите во регионот, Хрватска закажа избори на почетокот на јули, иако првично беа предвидени кон крајот на годината. Но, имајќи ја предвид здравствената ситуација која од есен би можела одново да ескалира, Хрватска не сака да ризикува со избори во зима, туку го одбра почетокот на летото како термин препорачан од здравствените власти анализира Локално.мк .
Србија има избори следниот месец, а своето демократско право веднаш по стивнувањето на пандемијата, граѓаните ќе го имаат и во други држави.
Сепак кај нас, партиите се уште не можат да дојдат до договор, иако лидерите веќе на два пати одржуваа средби изминатиов месец, но без успех.
Владејачката СДСМ сака да ги следи трендовите во Европа и регионот со изборите и затоа го предлага 21 јуни како датум. И не само трендот, туку препораките на здравствените работници се дека сега е најдобриот момент за избори, во период кога вирусот е стивнат, кога се знаат сите кластери со заразени и кога населението е во државата, односно нема да ги напушти границите.
После летните одмори и отворање на границите многу е поверојатно вирусот да добие пошироки размери, пред се затоа што ќе се патува во други земји, а ќе патуваат и странци низ Северна Македонија.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ е за избори на крајот на август или почетокот на септември. Лидерот на партијата Христијан Мицкоски пред неколку дена кажа дека предлага датуми што не мора да бидат фиксни, туку треба да се одредат во зависност од тоа како ќе се развива ситуацијата со коронавирусот. Тој ги предложи како можни датуми 23, 30 август или 13 септември.
„Се согласувам дека ние ќе мора да научиме да живееме со овој вирус. Меѓутоа, на крајот на летото очекуваме неговиот интензитет да биде послаб“, посочи Мицкоски, додавајќи дека тој се води од тоа дека тогаш здравјето на граѓаните најмалку ќе биде доведено во ризик и опасност.
Тука сепак се поставува прашањето дали Мицкоски е навистина загрижен за јавното здравје или во игра се партиски интереси а не граѓански.
„Ја не би бил изненаден ВМРО-ДПМНЕ свесно се обиде да предизвика политичка криза во септември, затоа што се наближуваат крајните рокови кога Македонија дефинитивно ќе остане само со претседател и нема да има ниту една друга легитимна власт. Оваа Влада не може да трае вечно“, изјави универзитетскиот професор Никола Дујовски неодамна за РСЕ.
„Сите треба да се насочат кон државниот интерес и да погледнат што се случува со граѓаните. Јас во овој момент не би гледал низ призмата на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Нам очајно ни се потребни избори за да си ја заштитиме државата“, смета Дујовски.
Дополнително, опозицијата постојано повторува дека води на анкетите за партиски рејтинг, но не бара избори. Според јавноста, опозиција што знае дека ќе победи би требало што побрзо да бара избори, а не да тактизира и да користи неиздржани аргументи.
СДСМ во јавните настапи ја користи фразата дека изборите се важни за здравјето, економијата и демократијата. Граѓаните на демократски и слободни избори да одлучат кој ќе ја води државата во иднина, а изборите се важни за здравјето и за економијата за да може новата влада да изгради систем за заштита од новиот бран на коронавирусот од летото натаму, до есен, но и да се фокусира на економските мерки за спас на стопанството.
Можеби уште еден аргумент за избори кон крајот на јуни е дека дотогаш граѓаните на Северна Македонија ќе бидат локално изолирани, затоа што нема отворени училишта, нема отворени граници… и ако се почитуваат препораките за носење маски и држење социјална дистанца, тогаш јуни е вистинскиот избор.
Со започнувањето на летните одмори и отворањето на границите, кои веќе ги најавија државите кои нашите граѓани најмногу ги посетуваат, македонските граѓани ќе патуваат, нашата држава ќе биде туристичка дестинација за странци, но и транзитна земја за многумина… сето тоа носи опасност дека кон крајот на август или во септември голем број од граѓаните може да бидат заразени, епидемиолошката состојба во Македонија да се влоши и Комисијата за заразни болести да не препорачува одржување на избори поради јавното здравје.
Сето ова, како што вели Дујоски, можеби е свесно сценарио да се обиде да се предизвика политичка криза во септември.
Од СДСМ се јасни – ако опозицијата не се согласи на избори на 21 јуни или на друг датум, како 28 јуни или 5 јули, тогаш власта ќе биде притисната од Уставот и законите и ќе мора по завршување на вонредната состојба да започне постапката за избори.