Владата денеска треба да решава за предлогот поднесен од Комисијата за заразни болести полицискиот час за претстојниот викенд, кој е продолжен со два празника, да почне в сабота во 19 часот и да заврши во 5 часот во вторник.
Причината, како што појасни министерот за здравство Венко Филипче, се должи на непочитувањето на мерките од страна на одредени граѓани, а зголемениот број новозаразени со Ковид-19 е поради настаните и семејните собири што се случувале изминатите денови. Надлежните сметаат дека со ваква ригорозна мерка ќе се постигне вистински ефект.
Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски на вчерашното гостувањето на ТВ 24, спроти одлуката на Владата каков полициски час ќе има викендов, потенцира дека олабавувањето на мерките е правопропорционално со почитување на препораките.
-Се вршат консултации, досега се почитуваа препораките, ние ги следиме експертските мислења. Ќе мора да одиме кон олабавување на мерките, но тоа значи почитување на другите нерестриктивни мерки. Но, тие мерки не се почитуваат, не се носат маски, не се почитува растојание. Ако сакаме да имаме намалување на мерките, мора да се почитуваат препораките, рече Манчевски.
Во пресрет на големиот муслимански празник ИВЗ преку соопштение информира за донесени низа мерки што треба да се спроведат во секоја џамија на 24 мај поради обавувањето на намазот на Фитр Бајрам.
На својот фејсбук профил Реис-ул-Улема на ИВЗ во РСМ, Хаџи Сулејман ефенди Реџепи пишува дека сабах намазот (утринската молитва) е одлучено верниците да ја обавуваат дома, односно апелира повеќе да се користат дворовите на џамиите за обавување на молитвите. Дел од мерките што ќе треба верниците од исламска вероисповед да ги почитува во тек на молитвата за Рамазан Бајрам, ИВЗ ги има донесено и на 7 мај кога одлучи да ги отвори џамиите после две месеца пауза.
–Обавувањето на намазот на Фитр Бајрам да не биде подолго од 15 минути, максимално да се избегнат поздравите со физички контакт, откажување од посета на гробишта за време на Фитр Бајрам, традиционалните посети треба да бидат што е можно помалку, дезинфекција на џамии, задолжително носење маска, чистење раце со средство за дезинфекција при влезот во џамијата или да се носи ракавици, секој верник треба да има лично сеџаде, се вели во одлуката на ИВЗ.
Воедно, од таму истакнуваат дека меѓу верниците треба да се запази физичката дистанца колку што е можно повеќе, односно е забранет престој во групи пред или по обавување на молитвите во џамијата.
Поради сегашната состојба со коронавирус, Ријасетот на ИВЗ ја откажа организацијата на традиционалната централна манифестација по повод Фитр Бајрам.
Според соопштението од Министерството за здравство, заклучно со вчерашниот ден, направени се 549 тестирања при што се регистрирани 40 нови случаи со КОВИД-19. Починал пациент од Прилеп лекуван на Клиниката за инфективни болести и фебрилни во Скопје од 12 мај, а излекувани се 11 пациенти: по двајца во Скопје, Велес и во Кочани, во Штип еден, а во Прилеп четири.
Од новорегистрираните 40 случаи со КОВИД-19, 26 се во Скопје, 10 во Тетово и по еден во Куманово, Прилеп, Велес и Битола. Од вкупниот број направени тестови во изминатото деноноќие 209 теста се во рамките на скринингот при што е потврден еден позитивен случај – вработен во градинка во Скопје.
Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 1.898, бројката на оздравени пациенти е 1.378, на починати е 111, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 409.
Досега во земјата се направени вкупно 23.316 тестирања на Ковид -19.
На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во изминативе 24 часа примени се седум нови пациенти, хоспитализирани се вкупно 49 пациенти. На кислородна поддршка се 19, на механичка вентилација се двајца пациенти.
Во ГОБ „8 септември” примени се 12 нови, а вкупно хоспитализирани 25 пациенти. На респиратор се тројца, a со потешка клиничка слика се уште двајца пациенти.
Во болницата во Битола се хоспитализирани седум, на домашно лекување се следат уште тројца пациенти. Во болницата во Штип се хоспитализирани пет пациенти, нема пациенти кои се следат на домашно лекување. На ифективните одделенија во Тетово, Велес, Куманово и Прилеп се хоспитализирани 45 пациенти, позитивни и сомнителни на ковид-19.
На Институтот за трансфузиона медицина вчера е пуштен во употреба нов клеточен сепаратор за плазмаферза. Овој апарат, Институтот го набави од сопствени средства и периодов ќе се користи за донирање конвалесцентна плазма, која може да ја дарува лице кое има оздравено од коронавирусот. На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, досега излекувани се пет пациенти со крвна плазма.