Раководството на францускиот фудбалски првак Пари Сен Жермен му понуди на Интер сума од 50 милиони евра за напаѓачот на „нероазурите”, Мауро Икарди. Аргентинскиот стрелец сезонава играше за ПСЖ како позајмен играч и постигна 20 гола на 28 натпревари во сите натпреварувања.
Првичниот договор меѓу двата клуба вклучуваше опција францускиот шампион да го купи Икарди за 70 милиони евра, со тоа што ПСЖ сака да го задржи Аргентинецот, но поради кризата со коронавирус тие нудат значително помала сума на италијанскиот тим. Сепак, раководството на Интер во неколку наврати навести дека нема место за Икарди на „Меаца” и тој ќе биде продаден во текот на летото, што значи дека е многу можно „нероазурите” да ја прифатат понудата на ПСЖ.
Во исто време, според медиумите во Италија, трансфер во спротивна насока може да се реализира во текот на летото. Тренерот на Интер го посакува искусниот напаѓач на ПСЖ, Единсон Кавани, чиј договор со „светците“ истекува за нешто повеќе од еден месец. На овој начин Интер може да го привлече уругвајскиот репрезентативец како слободен играч, а Кавани се поврзува за замена на Лаутаро Мартинез, кој скоро сигурно ќе се пресели во Барселона по крајот на сезоната.