По објавувањето на Соединетите Американски Држави дека ќе се повлечат од договорот „Отворено небо“, повикувајќи се на кршење на пактот од страна на Русија, Москва рече дека СоединетитеАмерикански Држави ѝ задале удар на европската безбедност.
Договорот „Отворено небо“ беше потпишан пред 18 години од 35 земји. Со договорот е дозволено членките да вршат невооружени набљудувачки летови над своите територии со цел да промовираат доверба и да спречат конфликти.
„Повлекувањето на Соединетите Американски Држави од тој договор претставува удар не само врз темелите на европската безбедност туку и на инструментите на постојната воена безбедност и важните безбедносни интереси на американските сојузници“, рече заменик-министерот за надворешни работи на Русија, Александар Грушко.
Тој посочи дека ова не е билатерален, туку мултилатерален договор.
„Ваквата ненадејна одлука ќе влијае на интересите на сите учесници без исклучок … Ништо не го спречува продолжувањето на разговорите за овие технички прашања што САД денес ги претставуваат како руско кршење на договорот“, додаде Грушко и го обвини Вашингтон дека го уништил инструментот што во последните 20 години им служеше на интересите на мирот и безбедноста во Европа.