Раководството на Фудбалската федерација на Македонија одржа состанок со претставници на клубовите од Прва лига. На средбата присуствуваа и претставници од Институтот за јавно здравје предводени од епидемиологот д-р Жарко Караџоски.
Фудбалската федерација на Македонија пред претставниците на клубовите презентираше три можни сценарија за завршување на натпреварувачката сезона 2019/2020. Клубовите ќе треба да се изјаснат за едно од трите понудени сценарија, а одлуката за првенството од Прва МФЛ ќе ја донесе ФФМ.
Во продолжение трите можни сценарија за завршување на натпреварувачката сезона 2019/2020 во Прва МФЛ предложени од натпреварувачката комисија на ФФМ:
– Одигрување на четирите преостанати кола од третиот круг, а потоа преминување на одигрување на плеј – оф (првите шест екипи по завршување на третиот круг). Првопласираните три екипи по крајот од плеј-офот се стекнуваат со право на учество во УЕФА европските натпреварувања. Плеј-аут (последно пласираните четири екипи по завршување на третиот круг) СО ИСПАЃАЊЕ на последните две екипи по крајот од плеј-аут фазата. Одигрување на Купот на Македонија со еден полуфинален натпревар и финален натпревар. Победникот од Купот на Македонија обезбедува пласман во УЕФА европските натпреварувања;
– Одигрување на четирите преостанати кола од третиот круг, а потоа преминување на одигрување на плеј – оф (првите шест екипи по завршување на третиот круг). Првопласираните три екипи по крајот од плеј-офот се стекнуваат со право на учество во УЕФА европските натпреварувања. Плеј-аут (последно пласираните четири екипи по завршување на третиот круг) БЕЗ ИСПАЃАЊЕ на последните две екипи по крајот од плеј-аут фазата. Одигрување на Купот на Македонија со еден полуфинален натпревар и финален натпревар. Победникот од Купот на Македонија обезбедува пласман во УЕФА европските натпреварувања;
– Прекин на првенството и Купот на Македонија;
Како натпреварувачка комисија на ФФМ го претставивме нашиот план и трите можни сценарија за евентуално продолжување на првенството во поинаков формат од предвидениот. Сметам дека е сосема јасно првото можно решение, со испаѓање на два тима по завршуавње на понудениот формат.
Веројатно многумина ќе се запрашаат во делот од второто сценарио каде системот на натпреварување исто така содржи плеј-оф и плеј-аут фаза, но без испаѓање. Тоа го правиме од причина што во Куп натпреварувањето имаме екипи кои би можеле да се најдат во делот од плеј-аут фазата и заради одржување на натпреварувачки ритам би одиграле само три натпревари наместо предвидените шест. Календарот на натпревари ќе го усогласиме во зависност од мерките кои ќе важат на ниво на држава, но секако и од одлуката на Фудбалската федерација на Македонија за конечно решение за завршување на натпреварувачката сезона, изјави Игор Франговски, претседател на Комисијата за натпреварување во ФФМ.