Калифорнија следната недела ќе објави насоки за продолжување на продукцијата на холивудски филмови и телевизиски серии, кои беа запрени поради мерките околу коронавирусот, но гувернерот на таа американска држава Гавин Њусам предупреди дека округот Лос Анџелес најверојатно ќе биде исклучен од таа прва фаза на отворање
Студијата за снимање се празни откако Калифорнија воведе мерки за изолација за да се запре ширењето на пандемијата на коронавирус кон средината на март.
Повеќето од 58 окрузи ќе можат да организираат продолжување на снимањата со примена на одредени мерки што ќе бидат детално презентирани в понеделник, изјави гувернерот Њусам.
Сепак, округот Лос Анџелес, каде се наоѓа Холивуд и каде има скоро 900.000 вработени во индустријата за забава е многу тешко погоден од коронавирусот за да може веднаш да се планира отворањето.
– Дури и денеска, бројот на починати несразмерно ја погаѓа таа област, рече гувернерот Њусам и тој процени дека округот Лос Анџелес ќе биде неколку недели зад другите кога станува збор за отворањето.
Во Калифорнија досега се евидентирани 86.000 заболени од Ковид-19 и 3.485 починати, од кои само во округот Лос Анџелес има речиси 40.000 заболени и 1.926 смртни случаи.
Претставникот на Нетфликс, кој учествуваше на состанокот, рече дека долгорочно би можело да има тешки последици доколку не се почитуваат безбедносните мерки. Тој оцени дека продукциите каде има помали екипи, како за снимање документарни филмови би можеле побрзо од другите да продолжат со рбаота, додека за снимањето филмови, каде учествуваат голем број луѓе, потребно е значително поголемо обезбедување и значајна логистика.
Нетфликс веќе ја обнови продукцијата во некои земји како Исланд, Шведска и Јужна Кореја.