Синот на 54-годишниот пациент кој е првиот на кому му беше трансплантирано срце во земјава, денеска изрази сочуство и благодарност до семејството на донорот – Емилија Динева, објави „360степени“.
-Сакам да изразам големо сочуство до фамилијата и едно големо благодарам што со донирањето спасија три животи, меѓу кој и животот на татко ми, изјави Васил Огненовски.
Тој вели дека пред два дена добиле повик дека е најдено срце од донор и дека за прв пат ќе биде изведена таква операција во земјава.
-Сега чекаме понатамошни информации. Пополека го будат. Очекувањата се големи дека се најдобро ќе заврши. Еднаш го вратија меѓу живите докторите, и сега го прават тоа уште еднаш. Едно големо благодарам и до нив. Окако ќе стивне и нивната болка, а штом закрепне и татко ми, сакам да се запознаам со нив. Да изразиме сочуство и да знаат дека срцето на нивната мајка и ќерка, сѐ уште чука. Срцето нѐ поврзува, рече Огненовски.