Делчевскиот пазар и оваа сабота беше отворен само за земјоделски и прехранбени производи. Иако имаше најава пазарот целосно да биде отворен и за текстилни и пластичарски производи, сепак според оценките на Општинскиот кризен штаб, се уште не се создадени потребните услови за тоа. Поради тоа граѓаните и денес можеа да купуваат само земјоделски и прехранбени производи кои имаа нешто пониски цени од локалните маркети и пиљари.
Согласно одлуката на Кризниот штаб, посетителите и пазарџиите мораа да ги почитуваат задолжителните мерки за заштита од Ковид-19, а за одржувањето на редот на пазарот се грижеше редарска служба. За следната сабота ќе се разгледува повторно моѓноста за продажба на текстилни и пластичарски производи, истакнаа надлежните.
Според пазарџиите денес побарувачката за нивните прозиводите и денес била слаба за што како виновник го посочија коронавирусот.
– Се уште последиците од коронавирусот длабоко го имаат своето влијание, па така не можеме да бидеме задоволни. Јас дојдов од Владимирово, продавам беровски компир кој насекаде е препознатлив, но поради состојбата продажбата оди послабо. Од минатата реколта имаме уште компир за продажба, кој најверојатно ќе остане да скапува во подрумите, истакна продавач од беровското село Владимирово.
Мало задоволство имаше кај продавачите на ориз кои денеска го посетија пазарот во Делчево.
– Цената на оризот е 70-80 денари во зависност од неговиот квалитет. Денес имавме малку повеќе купувачи од вообичаено, но се уште не сме на она ниво како што сме навикнати. Кога ќе ги пуштат границите и ќе се вратат бугарите на делчевскиот пазар тогаш мислиме дека ќе биде подобро, додава производител на ориз од Кочани.