Трет пат месецов се чисти „дивата” депонија пред влезот на кумановската населба „Перо Чичо”. Во чистењето, вклучени се екипи на јавното претпријатие „Чистота и Зеленило” и механизација од општествено одговорни компании, објави на социјалните мрежи кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски.
– Оваа локација се чисти по трет пат месецов, од страна на екипите на Ј.П. „Чистота и зеленило” Куманово во заеднички акции со општествено одговорни компании, но за жал, несовесни граѓани и поединци продолжуваат со неодговорно однесување исфрлање на смет, создавање на диви депонии во и вон градот и нивно опожарување, стои во објавата на Димитриевски.
Тој повика на совесност на граѓаните и активен пристап на сите институции во надминување на овој проблем со создавање на „дивата” депонија во овој дел од Куманово.
– И покрај редовните акции на комуналната инспекција која има мали законски можности за санкционирање на сторителите, односот на МВР кон овој голем проблем во градот е пасивен и се сведува на ниво на набљудувач, иако законот за јавна чистота и комунална хигиена ги обврзува да делуваат и водат постапки кон сторителите.Општината сама и со сопствени сили не може да се справи со овој проблем, потребна е активен пристап на сите институции и граѓанска соработка, напиша Димитриевски.
Градоначалникот апелираше до совесните граѓани да ги пријавуваат случаите на исфрлање отпад од поединци, да ги фотодокументираат и да ги проследат на службениот телефон на раководителот на општинските инспекциски служби, Бобан Бојковски 070757510 и повика да се пријават сите незаконски дејствија за незаконски градби, узурпации на државен имот и слично.