Против израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху утре ќе почне судски процес за корупција, само една недела откако неговата Влада положи заклетва.
Седумдесет годишниот Нетанјаху, кој се наоѓа најдолго на премиерската функција во историјата на Израел, е обвинет во ноември минатата година за измама и злоупотреба на положбата во три случаи, меѓу кои и поткуп.
Тој ќе биде прв израелски премиер на кого ќе му се суди додека е на функција.
Ерусалимскиот Окружен суд во средата го одби барањето на Нетанјаху да не се почнува судски процес, со образложение дека обвинетиот мора да присуствува на читањето на обвинението и тој не може да биде исклучок, бидејќи не се разликува од ниту еден друг израелски граѓанин.
Судењето првично беше закажано за 17 март, но е одложено бидејќи тогашниот министер за правда Амир Охана прогласи вонредна состојба во судскиот систем поради пандемијата на Ковид-19.
Нетанјаху е обвинет за примање скапи подароци од богати бизнисмени, вклучувајќи шампањци и цигари, како и поради тоа што им вршел услуги на одредени медиуми во замена за позитивно известување за себе и своето семејство.
Во најсериозниот случај е обвинет дека промовирал закон, кој му овозможил стотици милиони долари профит на сопственик на голема телеком компанија.
Нетанјаху ги отфрли сите обвиненија против него, тврдејќи дека станува збор за „лов на вештерки”.
Се очекува судењето на Нетанјаху да трае неколку години, имајќи ги предвид многубројните сведоци и документи кои треба да бидат претставени.
Нетанјаху е на власт без прекин повеќе од една деценија, а сега ќе биде премиер најмалку уште следните 18 месеци додека се бори против обвинението за корупција.