Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски, по повод 23 Мај, Националниот ден на Власите, во негово, и во име на Владата, упати честитка до припадниците на влашката етничка заедница. Честитката ви ја пренесуваме во целост:
Денеска го одбележуваме 23 Мај, Националниот ден на Власите, и ова е можност да оддадеме признание на влашкиот народ на вековниот стремеж за зачувување и промовирање на својот сопствен јазик, култура и традиција.
Влашката заедница секогаш била силен елемент во нашата заедничка борбата за слобода, правда, независност и државност.
Влашкиот народ и истакнати личности Власи, споделувајќи ги овие вредности, учествуваа и имаат значајно место во најважните поглавја на нашата долга и богата историја и во сите премрежја, во добро и во зло, се нераскинлив дел на нашето заедничко живеење.
Би сакал да се заблагодарам за вашиот несебичен придонес во градењето на заедништвото и низ толеранција, доверба и почитувањето да продолжиме да создаваме едно општество за сите.
И денес кога се соочуваме со кризата предизвикана од КОВИД-19 заедно со нашите сограѓани Власи, обединети и со солидарни, полесно и побрзо ќе се справиме со актуелната здравствено-економска криза и ќе придонесеме за благосостојба и за просперитет на нашата заедничка татковина.
Честит 23 Мај, Национален ден на Власите!