Вечерва во емисијата на телевизија Клан, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски посочи дека крајот на август и почетокот на септември би бил добар период за одржување на избори од позиција на заштита на здравјето на граѓаните.
„Ние цениме дека крајот на август, почетокот на септември можеби би биле добри дати за одржување на изборите од позиција на заштита на здравјето на граѓаните“, нагласи Мицкоски.
Мицкоски образложи дека кај СДСМ мислењето е поинаку, тие ценат дека нивниот министер за здравство има определена симпатија од кај граѓаните и со тоа мислат ќе добијат поголема поддршка од граѓаните. Но има и определена група на граѓани кои нема да излезат од страв од корона вирусот но и бидејќи се разочарани од оваа власт која ветуваше многу но не исполни ништо.
„Имаме кредибилни светски институции, лекари кои што велат прерано е за избори. Зошто прерано? Затоа што ние се уште ги броиме луѓето кои што на дневна основа се инфицирани и ние сме апсолутни рекордери на Балканот. Да ја потсетам македонската јавност дека ние практично сме рекордери и по една друга категорија, а тоа е бројот на луѓе кои што за жал го загубиле својот живот, тука сме апсолутно рекордери на Балканот. И кога сето ова ќе го ставите на кантар и ќе видите каква е економска ситуација во моментов во државата, односно немерките кои што се превземаат и очекуваниот револт кај граѓаните, нивната позиција за мене како политичар е разбирлива, но како граѓанин е неоправдлива. Затоа што вие не можете по цена на здравјето на граѓаните и по цена на животите на луѓето по секоја цена да гледате да ги задржите фотелјите. Тоа го прави обично човек кој што е исплашен дека по поразот и дебаклот кој што ќе му се случи на следните предвремени парламентарни избори кога и да се случат, доаѓа вториот институт, а тоа е институтот на одговорност“, вели Мицкоски.