Двајцата пациенти на кои во саботата им беше изведена трансплантација на бубрег од починат донор се во добра и стабилна здравствена состојба. Од Клиниката за урологија информираат дека интензивно се следи постоперативниот тек и функцијата на трансплантираните бубрези, соопшти Министерството за здравство.
Трансплантирани се жена на возраст од 45 години од Скопје и маж на возраст од 40 години од Куманово, кои имаа хронична бубрежна слабост и со години беа на дијализа.
На трансплантација на бубрези работеше стручен тим на уролози под водство на д-р Сашо Дохчев, д-р Сотир Ставридис, д-р Јосиф Јанчулев, д-р Александар Трифуновски, д-р Александар Јосифов и анестезиологот Александра Гавриловска од КАРИЛ, како и проф. Гоце Спасовски, д-р Ирена Рамбабова Бушљетиќ и д-р Светлана Павлеска од Клиниката за нефрологија, стои во соопштението од Министерството за здравство.