По 62 дена, кафулињата и угостителските објекти во Грција денеска повторно ги отворија вратите за гостите, но само во надворешниот дел и на летните тераси. Антисептици, маски за вработените, маси на растојание од 70 до еден метар и седумдесет сантиметри, по два метри квадратни за еден гостин, најмногу шест лица на една маса, се правилата под кои работата кафулињата и угостителските објекти.
Утрово во кафулињата низ Атина постоеше раздвиженост, можеби не до степен како пред пандемијата, но сепак, масите не останаа празни.
Сопствениците со кои поразговара дописничката на МИА од Атина велат дека ги презеле сите потребни мерки и очекуваат во следните денови да видат како ќе оди работата, додека пак дел од граѓаните кои решија по двомесечна пауза утринското кафе да го испијат во некое кафуле коментираат дека со нетрпение го очекувале отворањето.
– Имаме речиси 50 отсто помалку столици на масите во споредба со претходно и ги очекуваме дополнителните мерки за да отвориме и внатре. Мислам дека луѓето полека ќе почнат да излегуваат, мислам дека повеќе не се плашат и веќе од следната седмица ќе се вратат во нормала, вели за МИА, Танасис Пантелиос сопственик на кафуле во Атина, кој објаснува дека растојанието меѓу масите е еден метар и 70 сантиметри, а вработените задолжително носат маска.
Идентична е ситуацијата и во другите кафулиња. Растојанието меѓу масите е очевидно, а антисептиците се поставени на видливи места.
– Значително е намален бројот на маси, но не е само тоа, туку и оние маси кои што ги имаме сега се наменети за помал број гости од претходно. Околу 50 отсто помалку во споредба со порано, вели сопственик на кафуле.
Во однос на очекувањата како ќе функционира работата, коментира дека тоа е тешко прашање, бидејќи луѓето прво треба да го надминат стравот.
А некои Грци, се чини дека веќе го надминаа.
– Имавме можност и досега надвор да пиеме кафе, но на клупи, на плоштади и слично од кафулињата што имаа „take away”. Сега е веќе полесно, полека се враќаме во нормала, вели помлад Грк додека го пие неговото прво пост-карантинско кафе во едно атинско кафуле.
Внатрешноста на кафулињата не е отворена за гостите, барем засега, со оглед на тоа дека се разгледува можноста да се отворат кон средината на следниот месец.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис утрово го посети атинското предградие Пиреас за одблиску да го види новиот почеток за кафулињата и угостителските објекти во тој дел од градот.