Народната банка на С. Македонија излезе со препораки за исплатата на мајските пензии. По известувањето дека сите банки се подготвени да ја реализираат предвремената исплата на мајските пензии, апелираме:
-Пензионерите коишто поседуваат дебитна картичка и од среда ќе располагаат со својата мајска пензија, заради заштита на јавното здравје да настојуваат секогаш кога имаат потреба од готовина, за таа цел да ги користат банкоматите. Со тоа ќе придонесат за помало физичко присуство во банките и ќе им дадат предност на пензионерите коишто во моментот не поседуваат дебитна картичка. Во трговската мрежа, секогаш кога е можно, најсоодветно е плаќањата да се вршат безготовински – со употреба на картичката.
-При посета на филијалите и експозитурите на банките, пензионерите коишто досега не поседуваат дебитна картичка, да поднесат барање за изработка на картичка поврзана со нивната сметка. На тој начин, нивните средства ќе им бидат достапни во секое време, без да треба да ги посетуваат филијалите и експозитурите за да подигнат готовина.
-Граѓаните коишто се во други возрасни групи, особено во текот на готовинската исплата на пензиите, при посета на филијалите и експозитурите на банките, да им дадат предност на пензионерите коишто имаат потреба од банкарски услуги.
-При една посета на филијала/експозитура да се реализираат сите банкарски услуги за коишто клиентот смета дека во овој период е потребно физичко присуство во банките.
-При посета на филијалите и експозитурите да се почитува обврската за задолжително носење лична заштитна опрема (респираторна маска, хируршка маска за еднократна употреба, текстилна маска за повеќекратна употреба, марама или шал, бандана и слично).
-Да се почитуваат насоките за соодветна раздалеченост од другите лица, пред и во објектите на банките.
Потсетуваме дека според веќе објавениот распоред, исплатата на мајските пензии за пензионерите коишто не поседуваат дебитни картички ќе се спроведе по групи:
-во среда, 27 мај – пензии со висина до 11.000 денари;
-во четврток, 28 мај – пензии во висина од 11.001 денари до 14.000 денари;
-во петок, 29 мај – пензии во висина од 14.001 денари до 18.000 денари;
-во понеделник, 1 јуни – пензии во висина над 18.000 денари.
Апелираме за придржување до распоредот, со што ќе се овозможи бројноста на лица во филијалите и експозитурите на банките значајно да се намали, во корист на здравјето.
Како и при исплатата на априлските пензии, ние ќе бидеме во интензивна комуникација со банките, заеднички настојувајќи и сите активности поврзани со исплатата на мајските пензии да се остварат на начин којшто е најсоодветен за да се заштити јавното здравје.
Веруваме дека системскиот пристап којшто се воспостави при претходната исплата на пензиите, со заеднички заложби на банките и на сите институции вклучени во процесот, и овојпат ќе ги даде очекуваните резултати, во функција на заштита на јавното здравје.