За учениците од 1. до 4. одделение во Хрватска денеска повторно почна наставата, по паузата поради епидемијата на коронавирус.
Хрватските медиуми пренесуваат дека во училишните клупи не се појавиле сите 150.000 ученици од 1 до 4 одделение. Во некои училишта дошле цели одделенија, но има и случаи каде што не се појавил ниту еден ученик.
Министерката за образование, Блаженка Дивјак, најави дека стравот од зараза уште оваа недела ќе биде прифатен како причина за недоаѓање на училиште, но дека следната недела ќе биде потребно да се оправда отсуството.
Родителите добиле упатство дека секое утро пред тргнување мора да им мерат температура на децата.
Хрватскиот институт за јавно здравје соопшти дека престојот во училиштата е безбеден за децата и вработените како и престојот дома и им се препорачува на родителите да ги пуштат децата на училиште.
Откако училиштата целосно се затворија на 16 март, нивното прво отворање следеше на 11 мај, кога наставата почна да се одвива во групи до девет ученици. Според синдикатот, меѓу три и четири проценти од учениците во тоа време дошле на училиште.
За учениците од 5. до 8. одделение часовите сè уште се одржуваат онлајн.