Италија планира на улиците да испрати околу 60.000 доброволци кои би внимавале на одржување на правилата за физичка дистанца и да ги предупредуваат луѓето да ја почитуваат оваа мерка за превенција од пандемијата на коронавирус во фаза на укинување на карантинот и олеснување на рестриктивните мерки.
Министерот за регионални работи Франческо Боча го најави ваквиот план поради зголемените стравувања дека луѓето не се придржуваат до мерката за дистанца и опасно се приближуваат едни до други на плажите, во баровите и на јавните плоштади. Волонтерите ќе делуваат под името „цивилни помошници“ и ќе носат сини маици.
Повикот за волонтери приоритетно ќе им биде упатен на невработените и корисниците на социјални примања, а ќе биде објавен во текот на неделата од страна на Агенцијата за цивилна заштита.
Во Италија се регистирани вкупно 32.785 смртни случаи од Ковид-19.