Црногорскиот министер за здравство, Кенан Храповиќ, соопшти дека Црна Гора последна во Европа го регистрира првиот случај на Ковид-19 и првата во Европа што го искорени вирусот.
Тој им се заблагодари на сите здравствени работници и на граѓаните на Црна Гора, потенцирајќи дека тоа е заеднички успех, пренесува РТЦГ.
„Во деновите што следат, одговорното однесување и заедничката грижа за здравјето се наш адут да продолжиме да бидеме горди носители на титулата ‘корона фри’ држава која покажа дека знае да се соочи и да се бори со опасен непријател, кој ја покори целата планета“, рече Храповиќ.
Според него, здравствениот систем останува силно посветен на својата примарна цел да го зачува здравјето и животот на граѓаните.
Храповиќ истакна дека сите активности на Министерството и на здравствениот систем во следниот период ќе бидат насочени кон мониторинг, развој и подготвеност за одговор во согласност со епидемиолошките индикатори.
Во земјата нема потврдени нови случаи веќе 20 дена по ред. Црногорските здравствени власти претходно соопштија дека крајот на епидемијата ќе биде прогласен кога вкупно 28 дена по ред нема да биде забележан нов случај на зараза.
Толку во просек траат два временски периода на инкубација на вирусот и ова е прифатено како стандард од страна на медицинските лица.
Црна Гора беше последната европска земја во која се појави коронавирусот, на 17 март.
Од избувнувањето на епидемијата се разболеле 324 лица, од кои 315 закрепнале, а деветмина починале.