Започнатата постапка за избор на ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје за мандатниот период 2020-2023 е во целосна согласност со актуелниот Закон за високо образование. Согласно овој Закон, изборот на ректор не го врши Сенатот на УКИМ, туку членовите на наставно-научните совети на сите единици на УКИМ.
Ова го соопшти ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски во врска со, како што наведува, написите во одредени портали кои ги пренесоа субјективните и невистините видувања на изолиран број на припадници на академската заедница на УКИМ.
Постапката за избор на ректор, посочува ректорот Јанкуловски, ќе биде спроведена согласно споменатиот Закон, Статутот на УКИМ и, секако, роковникот ќе се спроведува согласно превентивните мерки на Владата за справување со состојбите предизвикани од последиците од Ковид-19.
– Членот 5 од цитираната Уредба со законска сила за примена на Законот за високо образование за време на вонредна состојба, се однесува за продолжување на мандатот на органите на Универзитетот и единиците, каде тој е истечен за време на вонредната состојба и се продолжува само за времетраењето на вонредната состојба, што не е случај со мандатот на ректорот, така што имајќи ги предвид мерките на Владата за одржување седници, состаноци и сл., постапката за избор на ректор треба да продолжи, истакнува ректорот Јанкуловски.
Тој нагласува дека Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје веќе трет месец ја прилагодува својата работа согласно споменатата Уредба и согласно сите превентивни мерки и протоколи.
– Моја должност и обврска како ректор на Универзитетот е да ја продолжам започнатата законска постапка за избор на ректор и да ја спроведам во најдемократска и отворена постапка за што сведочат и веќе закажаните седници на органите на Универзитетот кои имаат должност и обврска да ја спроведат оваа постапка, за жал и во овие вонредни корона состојби. Напротив, непродолжувањето на веќе започната постапка за избор на ректор на Универзитетот значи директна повреда и непочитување на Законот за високото образование и Статутот на Универзитетот. Мандатот на ректорот на УКИМ не е истечен, оваа законска процедура не е никаков лов во матно, туку само станува збор за спроведување на законска постапка која ќе продолжи да се спроведува на фер и транспарентен начин, со почитување на сите мерки и протоколи за заштита на здравјето и животот на сите членови на академската заедница, додава ректорот Јанкуловски.