Владата попладнево на седница усвои прецизен протокол за постапување при влез на сите македонски државјани во земјава, согласно кој задолжителен државен карантин за наши државјани кои од странство се враќаат со хуманитарни летови или конвои се заменува со домашна изолација доколку при влегување на територијата на нашата држава приложат негативен ПСР-тест на КОВИД-19 направен во последните 72 часа пред да влезат во земјава.
Премиерот Оливер Спасовски рече дека на предлог на МНР во соработка со Комисијата за заразни болести е подготвен протокол за странски дипломати акредитирани во земјава и членови на нивните семејства, кои доколку приложат потврда за негативен ПСР-тест направен 72 часа пред влезот, ќе можат тековно и непречено да ја извршуваат работата без упатување во домашна изолација.
Спасовски рече дека Комисијата за заразни болести е задолжена да направи јасна и прецизна проценка за отворање на државните граници и да подготват протоколи за влез и излез од земјава.