Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган му се закани на Израел поради планот на неговата нова влада да анектира делови од Западниот Брег, пренесува „Мидл Ист монитор“.
„Сведоци сме на нов план за окупација и анексија од страна на Израел кој му се заканува на палестинскиот суверенитет и е спротивен на меѓународното право“, рече Ердоган, додавајќи дека Турција е единствениот глас што ги брани Палестинците денес.
Турскиот шеф на државата нагласи дека неговата земја нема да дозволи пренесување на палестинската земја на никого, осудувајќи го актуелниот „светски поредок“.
„Светскиот поредок ги изневери Палестинците и не ги донесе успешно мирот, правдата, безбедноста и редот во овој дел од светот,“ посочи Ердоган.
Тој ги посочи Ерусалим и на Ридот на храмовите како света локација за три религии, нарекувајќи ја „црвена линија“ за муслиманите во светот.
Плановите на Нетанјаху се во согласност со планот за Блискиот Исток обелоденет од администрацијата на САД уште во јануари, со кој се одобрува проширувањето на израелскиот суверенитет на околу 30 отсто од Западниот Брег.
Сепак, целиот мировен план, во голема мерка во сенка изминатите неколку месеци поради пандемија на коронавирусот, е одбиен од Палестинците кои сметаат дека Западниот Брег е територија за идната палестинска држава.
Претседателот на Палестинската самоуправа, Махмуд Абас, минатата недела објави дека ги прекинува сите безбедносни врски со Израел поради прокламираните намери на Нетанјаху.