На донаторската конференција за бегалците од Венецуела, што се одржува попладнево, Европската Унија ќе даде 144,2 милиони евра хуманитарна помош, најави шефот на европската дипломатија, Жосеп Борел.
Покрај овие фондови од ЕУ, Европската инвестициска банка ќе им позајми 400 милиони евра на земјите кои примаат венецуелски бегалци.
Венецуелската бегалска криза е втора најобемна бегалска криза после Сирија со над пет милиони бегалци, според бројките на Обединетите Нации.
– Јужна Америка е силно погодена од оваа криза, која се влошува сега и со глобалната пандемија од Ковид-19. Бегалци од Венецуела пристигнуваат дури и во Чиле, потсети Борел во својот воведен говор попладнево.
Донаторската конференција има за цел пред сѐ да им помогне на јужноамериканските земји кои примаат венецуелски бегалци. Организатори и коорганизатори се Европската Комисија, Шпанија, Норвешка и Канада.