Првиот ирански танкер со нафта стигна до брегот на Венецуела во неделата попладне и покрај заканите на САД, пренесува „Спутник“.
Танкерот „Фортјун“ го напушти иранското пристаниште „Шахид Раџаи“ пред 72 дена да ѝ помогне на Венецуела во справувањето со недостигот од гориво предизвикано од прекинот со работа на рафинеријата за нафта во Боливарската Република. Уште четири ирански танкери со нафта се очекува да пристигнат во наредните денови. Севкупно, Иран испрати 1,53 милиони барели гориво во Венецуела.
Што значи оваа испорака за иранскиот извоз на гориво во светлината на заканите во САД? Сејед Саид Миртораби Хосеини, ирански аналитичар за нафта и гас и предавач на универзитетот „Харазми“, изјави:
„САД воведоа санкции за енергетскиот сектор во Иран и во Венецуела. Но, тие беа во можност да им се спротивстават на овие еднострани санкции. Успешната испорака на нафта во Венецуела, која има сериозна потреба од гориво, покажува дека Иран е на вистински пат да се спротивстави на суровите американски санкции. Тоа симболизира дека иранската нација ги крши оковите на санкциите на САД “.
Хосеини не верува дека САД би извршиле напад врз ирански танкери во Атлантскиот Океан или во близина на брегот на Венецуела, бидејќи таквиот маневар скапо ќе ги чини.
„Танкерите се придружувани од морнарицата на ИРИ. Не мислам дека САД би презеле чекор како напад или киднапирање на ирански танкери. Тоа ќе се смета за кршење на Меѓународните закони за спречување судири на море и скапо ќе ги чини Американците. Единствената неповолност на овие танкери е немањето меѓународно осигурување бидејќи многу големи осигурителни компании се принудени да ги почитуваат правилата што ги диктираат САД “, вели иранскиот аналитичар.
Мохамед Садег Јокар, експерт по политичка економија на Институтот за меѓународни енергетски студии (ИИЕС) под иранското Министерство за нафта, вели дека ова снабдување со гориво со танкери е првиот напад на новиот коалициски фронт против САД.
„Со спроведувањето на уништувачката политика на Доналд Трамп врз иранската економија, ИРИ го смени својот пристап. Иран претходно се обиде да убеди некои земји да не ги следат ограничувањата наметнати од САД (особено Кина, Индија и Кореја), а сега ги повикува сите земји погодени од санкции на САД да се обединат во еден фронт за да се спротивстават на овој инструмент во надворешната политика на САД,“ вели Јокар.
Иранскиот експерт смета дека успешното испраќање на овие танкери во Венецуела е неуспех на меѓународната политика на Трамп за санкции против Венецуела.
„Иран ѝ помага на земја чија економија е на работ на банкрот и притоа докажа дека Блискиот Исток не само што не потклекнува пред американските, туку и дејствува самостојно и одлучно дури и дворот на САД т.е. регионот на Латинска Америка“, посочи тој.
Според Јокар, Иран испраќа сигнал дека политиката на Трамп на Блискиот Исток не е успешна и дека се обидува да спречи таа да успее и во Латинска Америка.
„Ова е еден вид удар врз изборната политика на Трамп на претстојните претседателски избори“, вели тој.
Јокар е исто така убеден дека нема да има воени напади од САД врз иранските танкери со нафта кои пловат кон Венецуела бидејќи заканите во Вашингтон се само блеф.
„Во случај на напад на нафтени танкери, ИРИ веднаш ќе реагира во Персискиот Залив и ќе ја нападне Морнарицата на САД. Главен пример за одговорот што ќе следи се случувањата откако Велика Британија го заплени нашиот танкер во Гибралтар“.
Според Јокар, САД можат да одговорат само со поагресивна информативна војна со која би создале атмосфера во медиумите во која тие, на пример, ќе ја обвинат венецуелската влада дека наводно краде девизни резерви за да преживее и да плати за иранската помош .
„Ќе видиме како оваа тема ќе ја пропагираат американските медиуми во наредните денови. И дали ќе речат дека владата на Мадуро добила гориво од Иранците и сега ги ограбува венецуелските девизни резерви“, додава тој.