Во САД над 100.000 луѓе починаа од коронавирус, со што Америка стана место со најмногу жртви од ковид-19. Бројот на жртвите од вирусот е поголем отколку што американски трупи загинаа во војните во Кореја и Виетнам.
Сепак, некои Американци престанаа да одржуваат физичка дистанца за време на минатиот викенд и вчера, кога беше одбележан денот на сеќавањето, со кој се оддава почит на починатите припадници на американските вооружени сили.
Гужви имаше на плажите на Флорида, во Мериленд, Џорџија, Вирџинија и Индијана. Многу луѓе беа со или без маски, а некои не држеа растојание едни со други. Во Мисури стотина луѓе присуствувале на забава на базен, само неколку дена откако слична забава во Арканзас доведе до нови случаи на коронавирус.
Претседателот Доналд Трамп изминатиот период се обидуваше да ја минимизира заканата од коронавирус и ги занемари апелите од неговиот министер за здравство да вложи во тестирање сетови и апарати за дишење. На 13 март прогласи вонредна состојба поради пандемијата и најави дека вложи 50 милијарди долари од државните резерви за борба против коронавирусот.
Од самиот почеток Трамп ја обвинува Кина дека е виновна за пандемијата, а коронавирусот го нарекува кинески. Трамп на 15 април одлучи САД привремено да престанат да ја финансираат СЗО, поради нејзиното „лошо управување“ со епидемијата на коронавирусот.
Тој исто така направи гаф на прес-конференција, кога им предложи на експертите да ги разгледаат ефектите од средствата за дезинфекција на вирусот и гласно праша дали може истите да се вбризгаат во луѓето. По неговата изјава имаше неколку немили инциденти, кога луѓе се обидоа со средства за дезинфекција да го уништат вирусот.
Според податоците на порталот „Ворлдометерс“, потврдени случаи во САД се 1.713.000, а починале 100.021 човек. Оздравеле 468.669 луѓе.
Најмногу погодена е државата Њујорк со 372.494 заболени и 29.310 починати.