Македонското здравство реагираше навремено и добро се справи со пандемијата со коронавирусот.
Состојбата со епидемијата на коронавирусот е под контрола. Бројот на активни случаи е стабилен. Зголемениот број на новодијагностицирани изминатите денови е резултат на олабавување на рестриктивните мерки и поголемото движење на граѓаните. Тоа е очекувано и здравството има капацитет да се справи со ова.
Благодарение на навремените мерки успешно го амортизиравме првиот удар на епидемијата. Ја стабилизиравме состојбата и во ниту еден случај не се оптовари капацитетот на здравствениот систем.
Но, вирусот е тука, вирусот нема да исчезне, ќе биде присутен се додека не се стекне имунитет или се пронајде вакцина.
Затоа од исклучително значење е граѓаните да се придржуваат до препораките и мерките на Владата, за неопходната физичка дистанца и носење заштитна опрема.
Да бидеме свесни дека се уште може да се заразиме за што е потребно да ги почитуваме сите мерки за лична заштита. Да живееме со коронавирусот но на начин на којшто ќе бидеме заштитени а со тоа ќе го заштитиме здравјето и на оние околу нас.
На тој начин се грижиме за нашето и за колективното здравје, но и директно им помагаме на здравствените работници, кои се во првата борбена линија со коронавирусот.
Секој од нас треба да им помогне со почитување на мерките за заштита, секој од нас е еднакво важен во битката со коронавирусот.
Со оваа криза стана уште повидливо дека здравството е еден од основните општествени столбови. Продолжуваме да вложуваме во одржлив здравствен систем.
Преку одговорни и стратешки политики ги зајакнавме професионалните капацитети на здравствените работници и создадовме услови здравствените работници својата иднина и кариера да ја гледаат во нашето јавно здравство.
Сите ние сме благодарни за сиот труд и пожртвуваност што нашите здравствени работници го вложија изминатиов период и од тие причини вработените во здравството кои се во првите борбени редови во битката со Ковид-19 ќе добијат награда од 20% од основната плата за 2 месеци.
Наградени ќе бидат сите здравствени и нездравствени работници вклучени во работата со пациентите заболени од коронавирусот – доктори, медицински сестри, но и болничари, транспортери, возачите во службата за итна медицинска помош во сите Јавно здравствени институции, болниците, институтите каде се правеа испитувањата.