Претседателот на Косово Хашим Тачи изјави дека нема да учествува во преговори за нормализирање на односите со Србија, доколку тие ги предводи словачкиот дипломат Мирослав Лајчак, кого Европската унија го назначи за посредник во изнаоѓањето решение за споровите меѓу двете соседни држави, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во денешното обраќање пред новинарите по посетата на Стопанската комора на Косово, Тачи го повтори ставот дека Лајчак, кој беше министер за надворешни работи на Словачка во времето кога таа земја одби да ја признае независноста на Косово, не може да биде неутрален посредник во преговорите меѓу Приштина и Белград.
Тој изразува резерви и во однос на тоа што шеф на европската дипломатија е Жосеп Борел, кој го именува Лајчак за посредник. Причина за недовербата кон Борел е тоа што тој доаѓа од Шпанија, која е една од петте земји членки на ЕУ, покрај Грција, Романија, Кипар и Словачка, кои не ја признаваат косовската независност.
– Лично, како претседател, ќе одговорам на поканите за учество на самити од страна на (германската канцеларка, Ангела) Меркел и (францускиот претседател, Емануел) Макрон, но немам волја да партиципирам во преговарачки процеси водени од Лајчак, изјави Тачи.
Според косовскиот претседател, „охрабрувачка е секоја искажана волја од страна на ЕУ”, меѓутоа во преговорите меѓу Косово и Србија водечката улога треба да ја имаат Соединетите Американски Држави.
– Имам целосна доверба во лидерството на САД, тие ќе го затворат успешно дијалогот. Без водечка улога на САД нема фактор кој може да ги придвижи тие работи. Охрабрувачка е секоја искажана волја од страна на ЕУ во тој правец. Меѓутоа, јас лично не сум во контакт со Лајчак и не знам колку далеку се отидени преговорите Лајчак – (Албин) Курти – Борел. Наспроти себе имаме двајца посредници кои доаѓаат од земји кои не го признаваат Косово, изјави Тачи.