Потпретседателката на српската опозициска Партија за слобода и правда (ССП), Мариника Тепиќ, утрово го пријави во Интерпол „исчезнувањето” на Републичкиот јавен обвинител Загорка Доловац, затоа што, според неа, „невозможно е некој кој треба прв да реагира на бројните афери во Србија, доброволно да исчезне.”
Како што јави дописникот на МИА од Белград, таа пред новинарите во српското собрание изјави дека до генералниот секретар на Интерпол, Јирген Сток, испратила службено писмо на англиски јазик, во кое го известува дека Републичкиот јавен обвинител на Србија исчезнал.
-Повремено, Загорка Доловац беше видена во ресторанот Гондола во Нови Сад, но верувам дека ниту тоа не го сторила по своја слободна волја. Невозможно е такво лице пред институција која е тесно грло во Србија, доброволно да исчезне пред ваквите афери и скандали кои ја мачат нашата земја, кажа Тепиќ.
Таа изјави дека обраќањето до канцеларијата на Интерпол во Белград е излишно, бидејќи министерот за внатрешни работи Небојша Стефановиќ е „во координација” со таа канцеларија и до денес, како што изјави, „ништо нема сторено за да ја пронајде Загорка Доловац.”
-Очекувам итна реакција и сите да се вклучат во потрага по Загорка Доловац, затоа што на нејзин одговор чека убиството на Оливер Ивановиќ, убиството на Станица Глигоријевиќ на наплатната станица Дољевац, чека Александар Обрадовиќ од аферата Крушик, нелегалниот објект на Панчичевскиот врв, кажа Мариника Тепиќ.
Таа потсети дека пред четири месеци ги „пеш ги однела кутиите со докази” на републичкиот јавен обвинител за тие афери, но додаде дека до денес трае „молчењето” од таа институција.