Цените на акциите на светските берзи денеска бележат раст, а цените на производите на берзите за стоки се зајакнуваат, бидејќи инвеститорите решија да ги игнорираат американско-кинеските тензии и да се потпираат на зголемената економска поддршка во Кина и повторно отворање на светската економија.
Индексот ФТСЕ 100 на Велика Британија и јапонскиот Никеи 225 предводеа раст во нивните региони со скокови од 1,2 и 2,2 проценти, додека индексот С&П 500 на Њујоршката берза е на добар пат да ја пробие границата од 3.000 поени, првпат од почетокот на март.
Зајакнувањето на европските индекси придонесе за скок на вредноста на акциите на патната и туристичката индустрија од речиси 7,0 проценти.
Акциите на туристичката компанија ТУИ пораснаа за дури 35 проценти, а британската авиокомпанија ИАГ, сопственост на „Бритиш ервејс”, за 20 проценти, по најавата на Шпанија за отворање на туристичката сезона без карантин следниот месец и информациите за германската државна помош за „Луфтханза” во износ од девет милијарди евра.
На девизните пазари, доларот падна во однос на јенот на 107,52 јени, но сепак се движи од 105,97 до 108,08 јени од почетокот на мај.
Еврото порасна во однос на американската валута на 1.0954 американски долари, додека фунтата се зголеми за 1,0 проценти, откако главниот економист на Банката на Англија рече дека британската централна банка не е близу до воведување негативни каматни стапки.